Триеле раце тенекеџиите пред зима, оти се набавувале пампури, бории, пузи, пепелници, мангали. Со осовременувањето на загревањето, индустријата им го зеде лебот на мајсторите со тенекии. Модерните пампури сега се купуваат во големи маркети за техничка стока.
Сликите од историјата сведочат дека тенеќеџиите не кревале глава од работа. Ангажирале повеќе калфи и чираци да одговорат на барањата за пампури – легачиња за помали собчиња, шпориња за загревање на раскошни одаи на чорбаџиските куќи, па и универзални печки на цврсто гориво со плоча за готвење по моделите на виенските фабрики, но создадени во тенекеџиската мануфактура.
Малкуте тенеќеџии жалаат за времето кога не можеле да навасаат за пампури. Оние кои успеаја да одолеат, се ориентираа на олуци, бории, и по некое метално ведро за млеко за по селата. Неколку се одржуваат со тенеќиени цевки за експлоатација на топлината на чадот од горењето на камините и трајножаречките печки од гус. Одвреме – навреме се фаќаат за алатите да адаптираат по некој исфрлен нафташ во печки на цврсто гориво… Во чаршијата владее тишина, оти речиси замолкна “песната” на чеканите при обликувањето на тенекијата во пампури.