Центарот на стариот пазар. Неколку тезги наликуваат на маси, наредени на празен простор околу чешмата. Просторот е како писта со неколку бетонски тезги, кои скромно навестуваат бурен пазарџиски живот. Луѓето од селата доаѓале да продаваат. Ќе се стуткале на некој ќош и ќе нудат пресни јајца, наредени во плетени корпи со слама или ќе кандисуваат да вагаат на кантар производи од нивните градини. Неизбежни биле и живите кокошки и петли. Се нудело и маштеница и сирење.
Се плаќало дулија. Тоа е такса за тезгата која ја држат во пазарот. Тоа биле првите знаци на пазарната економија. И да врне, и да вее, пазарот буел со богат асортиман од квалитет и неквалитет. Покрај сувото, со убедување “горело” и суровото. Односно се купувало, според “џебот”, вкусот и убедувањата. Зашто, нели се вели “За секоја стока – има муштерија”. Обично купувале граѓаните, кои немале свое производство, а селаните пазареле шеќер, сол, и газија.
Пазарот сега е модерен, покриен, да не им сметаат временските неприлики и на продавачаите и на муштериите. Се нуди “од пиле млеко”.