Мал фудбал: Спектакуларен крај на турнирот „Свети Никола“
Во финалето: Фурна Златно зрно – Македонија 3-2
Турнирот во мал фудбал „Свети Никола“ и овојпат беше на ниво на голем спортски спектакл. Во Универзалната сала пред околу 2.000 гледачи, посета недостижна за голем број спортови дури и на меѓународно ниво, во финалето силите ги одмерија екипите на Фурна Златно зрно Радовиш и Македонија. Радовишаните со головите на Димов, Ранготов и М. Тодоровски прославија победа од 3-2 и за нив заслужено е пехарот доделен од страна на градоначалникот Марјан Ристески. Во шампионскиот тим настапија претежно велешани: Сашко Димов, Баже Левков, Тале Трајков, Антонио Петровски, Дарко Ранготов, Диме Андов, Диме Тодоровски, Жарко Спасовски, како и двајца кумановци: Драган Петровиќ и Мартин Тодоровски,
-Тешко, неизвесно до самиот крај. Така и се очекуваше бидејќи со истиот противник се имаме сретнато многупати претходно. Таму тренер е познатиот Пеце Ветаџокоски, мој тренер во екипата на футсал клубот Хедис. Водевме двапати, вториот пат со 3-1. Мислам дека подобри бевме, а тоа и публиката го виде и го процени. Вкупно земено се беше одлично, публиката и организаторот беа супер. Добив и награда за најдобар ирач, така што се помина најубаво за нас – изјави Сашко Димов.
Тимот на Фурна Златно зрно е позната низ целата држава. Секаде игра одлично и освојува високи пласмани. Оваа сезона стигнаа до осум пехари на турнирите низ Македонија. Сепак, најголемиот е прилепскиот турнир, најмногу поради интересот, публиката и наградите. Тука шампионот е вистински шампион. Затоа голема е радоста во редовите на победничкиот тим и кај спонзорот од Радовиш. Тоа е сопственикот на Фурната Златно зрно, Горан Георгиев. Тој цело време патуваше со екипата, ја поддржуваше и на крај се се исплати со добивањето на пехарот.
– Немам зборови. Беше прекрасно уживање да се учествува и да се биде дел од турнирот во Прилеп. Тука имаме многу пријатели и со задоволство доаѓаме секоја година. Лани не стигнавме до завршницата оти не бевме комплетни, а сега со добра игра успеавме да се искачиме на самиот врв. Имаме само пофалби за оваа спортска манифестација. Догодина очекувајте не пак во Универзалната сала – порача Георгиев.
Претходно во борбата за третото место Табако дисконт Рунамак со 4-0 го совлада тимот на Центар рубин Златко. Кај ветераните Златна рака – Автоконтрол 1-1 (5-4 на пенали). Имаше финалиња и кај пионерите: Рустика – Општина Долнени 5-0 (2002), Перак Дизнилнд – Тони 1-0 (2005), Марбет – Општина Долнени 1-1, 4-3 на пенали (2003), Перак Кутер – Ел маркет Хримакс 3-1 (2004).
Вторпат Сркески
Беа доделени многу награди на екипи и поединци. За првакот Фурна златно зрно Радовиш се 125.000, за второпласираната Македонија 70.000, за третопласираниот Томако дисконт Руна мак 45.000, за четвртопласираниот Центар Рубин Златко 20.000 денари. Најдобар играч е Сашко Димов, најдобар стрелец со 14 гола е Баже Левков (двајцата од Фурна Златно зрно), а како и лани најдобар голман е Христијан Сркески (Тобако дисконт Руна мак).
Имаше и вредни награди за публиката од кои главната беше лед-телевизор.