ИЗВАДОЦИ ОД КНИГАТА „МАКЕДОНИЈА И ОДРИНСКО 1893-1903: МЕМОАР НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА“, ПРИЛЕП 2016 – ИЗДАНИЕ НА БИБЛИОТЕКАТА

odrinsko

Кадиноселска афера

(Прилепско)

На 24-ти март 1902 г., во старата кула при с. Кадино (Прилепско), беше запрела на по­чи­нок една мала организациона чета од осум души, под водство на видниот организатор Методија Патчев, родум од Охрид. Кметот на Кадино село, турски шпион, на власта ѝ го кажа местото каде што се наоѓа четата, и таа беше опколена од стотина души пешадија, кавалерија и баши­бозук од околните села. Цели два дена опколената чета се бореше јуначки, додека не ја пот­роши целата муниција. Нејзе ѝ претстоеше или да се предаде, или четниците сами да си ги од­земат животите. И тие го избраа последново: целата чета се самоуби!… Тоа херојство ги пора­зи Турците, кога после стивнувањето на пукотниците навалија во кулата и ги видоа безжи­вот­ните трупови на осуммината македонски револуционери, повалени како сноп, еден врз друг… При претресот на мртвите кај Патчев се најдоа хартии, кои разоткриваа многу нешта за рабо­тата на месната организација. Иако тие документи беа шифрирани, власта успеа да ги прочита и да ја открие целата револуционерна мрежа во Прилепско. Веднаш беа распратени потери по селата, кои направија нечуени зулуми и многу затворања.

Таа афера засегна 18 села од Прилепското поле, 6 села од Мариовско, а не го поштеди ни гр. Прилеп. Таа фрли в затвор 29-мина, кои после неколку месеци гниење во прилепскиот зат­вор, врзани со вериги беа однесени во Битола. Тамошниот суд осуди само 16 души од тие зат­во­реници, а другите ги ослободи после долго лежење во затворот.

Една година после таа крвава случка, сред прилепскиот пазар, еден револуционер испука неколку куршуми во градите на Кадиноселскиот кмет – предавник и виновен за таа афера… За жал, предавникот куртули од тешките рани и до ден денес живее со прст покажуван од целото население – Турци и христијани. После тој обид беа затворени осуммина од Прилеп.

в) Во Крушевската нахија

Крушевската нахија се состои само од 7 христијански села со нахиски центар градот Крушево.

Таа брои 3.100 куќи со 14.080 жители, исклучително христијани.

Во Крушевската нахија настрадаа следните населени места:

1) Крушево е чисто христијанско гратче со 2.800 куќи и 12.500 жители. На 21 јули, уште рано, 750 души востаници (околу 650 од самиот град) навлегоа во Крушево, и после неколку часа битка со заптиите во државниот дом и со 60 турски војници во касарната – го зазедоа гра­дот. Во наредните десет дена – до 30 јули, востаниците беа целосни господари во градот, од­вре­ме-навреме вознемирувани од мали башибозучки одреди и мали воени сили. Уште рано на 30-ти јули, целата околина од градот беше опколена со пешадија, башибозук и артилерија (сè на сè околу 18 илјади души). После кратка битка, немоќни да се спротивстават, востаниците беа принудени да го испразнат градот и да се повлечат во недостапните планински височини. Со нив се повлекуваа многу семејства. Околу пладне почна засилено бомбардирање на градот што траеше околу два часа. Потоа аскерот навлезе во градот и започна да беснее. Турските војници влегоа во сите куќи, ги ограбија сите скапоцености и го колеа и убиваа секој кој ќе им зас­танеше на патот. После грабежот и колежот започна палењето на куќите и дуќаните. Урнати и изгорени се 159 куќи и 210 дуќани – речиси целата чаршија. Меѓу изгорените објекти се и цр­к­вата „Св. Никола“, грчката митрополија, болницата, градскиот совет, грамадната и масивна куќа на Ничотовци (имаше 62 одаи), куќите на познатите Дим. Ингилиз, на Јанаки и Гушо Та­кови, на Икономовци, Фундовски и други.

Убиени, исклани и живи изгорени се 117 души мажи, жени и деца, меѓу кои се:

Д-р Батал (исечен со секира), Теохар Нешков (изгорен), грчкиот ѓакон Ставре, видните трговци Гика, Аргир Мартинов, Веле Секулов, Лозан Самарџиев (со двајцата синови), браќата Кирил и Миту Ангелови. Осумгодишното дете Ванчо Н. Џаџо, 70 годишната Кираца Петра­шин­кова (жива изгорена), Коневица Фурнаџиката, Зорица Т. Ничотова, дванесетгодишното де­војче на Унчо Велкинов (живо изгорено), Ките Кираџијата и жена му, 18-годишната мома Ка­куша К. Бацарија, Наки Нанев, Митро­вица Трајкова, Стана Смилева и др.

Ранети се 9 жени меѓу кои: Велевица Секулова, Ленка Пецанова, Вета П. Монгорова (со ќерка си Кита) и др.

Изнасилени и обесчестени се повеќе од 150 невести и моми, меѓу кои се и 20-годишната невеста Зографија Халчу-Тахчиева, ќерката на Кушу-Баца и, речиси сите жени и моми од Череш-маало.

Грабежите, мачењата, бесчестијата, опожарувањата и колежот траеја цели три дена – до 2-ри август. Пред тие ужасии, речиси сите жители избегаа во коријата, а некои подалеку. Долго време се слушаа човечки липтежи и офкања, а човечки трупови се тркалаа по улиците, влечени и глодани од кучиња… воопшто, „славната“ армија на султан-Хамид „блескаво“ ја заврши нало­жената мисија од својот господар…

Загубите во Крушево (куќи, магацини, стока, пари, скапоцености и други вредни куќни предмети) според оценка од компетентни лица, е вредна повеќе од 80 илјади турски лири (око­лу 2 милиони лева).

2) Селце е христијанско село со 55 куќи. Со самиот ден на навлегување на аскерот во Крушево – 30 јули, триилјаден аскер го нападна и тоа село, го ограби и целото го изгоре. Убиени се деветмина селани. Обесчестени се две жени.

3) Ростоица е христијанско село со 32 куќи. На 30 јули, после паѓањето на Крушево и по повлекувањето на четите од позициите крај селото, тоа беше нападнато од 2 илјади души аскер, ограбено е до игла и 8 куќи изгорени. Убиени се тројца селани. Обесчестена е една жена.

4) Журче е христијанско село со 58 куќи. На 22 август, два дена после опожарувањето на с. Ракитица (Демирхисарско), аскер и башибозук навлезе во тоа село, го ограби и изгоре две куќи.. Ограбен е и изгорен и селскиот манастир. Убиени се и исклани десетмина мажи, жени и деца. Обесчестени се дванаесет жени и моми.

И така, од седум населени места во Крушевската нахија, настрадаа четири. Изгорени се 217 куќи (6.80%) и 210 дуќани (во Крушево), убиени се и заклани 139 души, обесчестени се 165 жени и моми, а обездомени се 1171 христијани (8.30%)

Loading