ЈОУ градска библиотека „Борка Талески“ и оваа календарска година го продолжи својот нагоред од, трансформирајќи се во модерна установа од областа на културата, а посебно во областа на библиотечното работење, адаптирајќи се на потребите на современиот читател и корисник на нејзините многубројни услуги и активности: од зајмување на книжниот фонд чиј процес е целосно компјутеризиран, преку неговата електронска обработка, преку услугите на читалната и интернет клубот, преку современата конференциска сала каде се одржуваат разновиндни настани и средби, па се до издавачката дејност на библиотеката. Тука секако дека треба да се потенцира фактот дека за овие потреби на нејзините корисници, оваа година, набавени се нови десет компјутери, а за поубав амбиент и престој во интернет клубот поставен е и еден прекрасен аквариум.
Во контекст на кажаново, Библиотеката се труди да ги набави најактуелните и најчитаните изданија од нашите најафирмирани издавачки куќи со што, се надеваме дека во најголем дел ги задоволуваме читачките апетити на прилепските љубители на книгата.
Што се однесува пак до издавачката дејност, 2016 е година во која Библиотеката издаде мошне ретки и значајни изданија. Пред се, мислиме ма книгата „Македонија и Одринско 1893 – 1903 – мемоар на внатрешната организација“, објавена во Софија 1904г. а сега првпат се објавува на македонски јазик во превод на неодамна починатиот писател Трајче Крстески.
Во печат е и книгата на нашиот веќе одамна починат сограѓанин, Милан Ристески, „Мариово низ вековите – хроника за три периоди.“
Во наредната година Библиотеката подготвува ново издание: Мемоарите на Крсте Гермов попознат во народот како Шаќир Војвода, кој одреден период му бил и личен секретар на легендарниот Толе Паша, а во редакција на Славчо Ковилоски.
Се разбира и наредната година ќе изобилува со нови настани, промоции, средби и книжевни дружења, а се во функција на славење на книгата и знаењето. Нема да недостасува и нова литература. Библиотеката за 2017г,предвидува и нов начин на претставување на своите услуги и книги што, сигурни сме, ке предизвика интерес и одобрување кај нејзините верни членови и корисници на библиотечните богатства.
Среќна да е и бериќетна новата 2017 г. за сите книгољупци.