И оваа година Општината организира дочек на Новата 2017 – та година на градскиот плоштад „Методија Андонов – Ченто”. Програмата ќе започне во 12 часот напладне со забава за најмладите. Ќе настапат „Јунаците од бајките” од народниот театар и познатата музичка група Нокаут.
Вечерната програма ќе започне во 22:30 часот со настапот на познатите музички имиња Белинда и Шило, а веднаш по спектакуларниот огномет, топлото вино и чајче следува настапот на популарното диџејско трио „The Mode”.
Првпат, во пресрет на празниците, општината, во соработка со Црвениот крст, организира хуманитарен настан, наречен „Денови на солидарност за најмладите”. Денеска и утре од 10 до 18 часот сите добронамерници ќе може да донираат пакетчиња за најмалите на пунктовите на градскиот плоштад како и во сите поголеми маркети низ градов.
– Прилеп е една од најхуманите општини не само преку оваа новоорганизирана акција, туку и преку низа други настани како што се Светиниколскиот турнир, кој исто така има хуманитарен карактер, а веднаш по Нова година се организира и традиционалниот Божикен ручек за децата без родители, децата со посебни потреби, децата на загинатите бранители… Да бидеме хумани и да донираме, а најлудата ноќ да ја поминеме на градскиот плоштад – рече градоначалникот Марјан Ристески.
За новогодишните празници плоштадот ја има задолжителната декорација со новогодишната елка и многубројните украси и фигури во парковските површини. Новогодишен амбиен има и на излозите од чаршијата.