30 ГОДИНИ ЧЕКОРЕЊЕ ПО НАГОРНА ЛИНИЈА

ОУ Блаже Конески

Svecena akademija po povod patroniot praznik OU Blaze Koneski

Со свечена академија организирана во народниот театар „Војдан Чернодрински” се одбележа патрониот празник на ОУ „Блаже Конески”, како и 30 годишнината од формирањето и изградбата во населбата Точила. Училиштето го носи името на еден од нашите најголеми великани Блаже Конески, истакнат македонски книжевник, академик, литературен историчар, професор на филолошкиот факултет, како и еден од кодификаторите на современиот македонски јазик. Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во прилепско Небрегово, а починал на 7 декември 1993 година.

Одбележувањето почна со полагање на свежо цвеќе пред споменикот на Блаже Конески во центарот на градот. Чествувањето потоа продолжи со активности во училиштето.

– Беа пофалени сите ученици со освоени награди на општински, државни и меѓународни натпревари – рече директорот Марија Дулеска.

На свечената академија, градоначалникот Марјан Ристески најави уредување на дворното место во централното училиште, а доколку се обезбедат средства ќе се изгради и термоизолациона фасада. Во програмата на Министерството за образование е изградбата на новата спортска сала.

Во програмата, хорот ја изведе училишната и државната химна. Во првиот блок настапи Ана Марија Манческа со лична творба, рецитаторската секција го изведе перформансот „Стерна – од предание до песна”, Сара Петанческа со „Од возот”, Александар Јанкулоски со лична творба и „Месечина” е  соло песната во исполнение на Јована Пирганоска. Следеа изведбите на “Дафино вино црвено” – дует на Анастасија Мирческа и Меланија Каралиоска, „Женско пуштено оро”, хорот со „Огин го гори Брезово” и „Борјано, Борјанке”, па драматизациите „Волшебникот од ОЗ” на учениците од IV-1 одд., новогодишен рецитал на учениците од IV-5 одд.од Варош, балетот „Снежната кралица” на шестоодделенците и соло песна со кореографија на Сара Лоџева. Настапија и англиската и француската секција со „Микс 2″ и “Ден бр: 1”, за круна на приредбата беше модерниот балет. 

Loading