Тутунски комбинат ги отвори вратите на откупните пунктови
– Исплатата по седум дена
Тутунскиот комбинат веќе неколку денови откупува тутун од годинашната берба на 20 откупни пунктови. Исполнети се условите порано од законскиот рок. Обезбедени се средствата за преземање на договорените количества. Првите искуства се дека откупот се одвива во најдобар можен ред.
Според директорот Александар Дерменџиев, квалитетот е солиден и просечната цена првите денови е преку 190 денари од килограм на откупените 70 тони.
– Очекуваме да откупиме околу три илјади тони тутун од четири илјади кооперанти, како што се проекциите последните шест години. Исплатата ќе се врши за седум дена, бидејќи има поголема побарувачка на тутун – вели првиот човек на Комбинатот.
Реонските служби евидентираа речиси исти количества со договорените уште во таканаречената зелена таксација.
– И за тутунот важи понудата и побарувачката. Кооперантите главно се коректни во односите со Комбинатот. Очекуваме да преземеме над 90 отсто од договорите, иако сме спремни и за сто отсто. Не е искоренета навиката за калкулации на дел од коопернатите покрај воведување на софтвер во Министерството за земјоделство. Цените на тутунот во договорите и лани и годинава се делумно пораснати речиси по пет отсто со тенденција на понатамошно зголемување. Комбинат не е лидер на домашниот пазар – изјави Дерменџиев.
Побарувачка за тутун расте, но се намалува производството. Пред три години Македонија произведе 30 илјади тони тутун, а годинава продукцијата е околу 20 илјади тони. И во традиционалните земји паѓа продукцијата на ориенталниот тип на тутун. На пример, во Турција и во Бугарија падот е до 50 отсто, што се должи на економски причини.
ДООЕЛ Тутун и и ДООЕЛ Цигари во АД
– Соработката со Филип Морис оди по нагорна линија. Се зголемува производството на цигари. Имаме двоцифрен раст, што е солидно. Во 2015 година Комбинатот покажа добивка во консолидираниот биланс. Во тек е постапка за присоединување на двете друштва, двата ДООЕЛ-и кон АД Тутунски комбинат. Ќе згаснат ДООЕЛ-ите заради поефикасно работење, подобра организација, поради проблематичноста на АД да биде сервис и по кои цени ќе ги фактурира услугите на ДООЕЛ-те. И шестмесечниот и деветмесечниот биланс годинава се позитивни консолидирано. Покажуваме добивка. Официјализацијата на присоединувањето ќе се изврши на Собранието на акционерите на 28 ноември – вели Дерменџиев.
Засега нема социјалани пакети
– Позитивно одекна првиот бран на ослободување од вишокот вработени. Солиден беше износот на социјалните пакети за вработените. Немаше социјални и политички тензии. Факт е дека уште има проблем со превработеност и со неповолна старосна и образовна структура на вработените. Затоа е легитимно да се размислува во таа насока, бидејќи се потребни средства кои засега ги немаме обезбедено. Тоа би било добро да се направи и да се затвори тоа прашање еднаш, засекогаш – оценува Дерменџиев.
Тутунскиот комбинат брои 420 работници.
Нема интерес за купување на објекти
Секаде каде нема законски пречки се завршени постапките за легализација и приватизација на земјиштето на недвижнините на Комбинатот. Има некои објекти кои се тек во постапките, а се задоценти поради немање на детален план. Немало досега интерес за оттуѓување на дел од објектите, кои реално не ни се потребни. Инаку, зошто не би ги оттуѓиле дел од објектите – одговара со прашање Дерменџиев.