БМ Транс

Солидно котира фирмата БМ Транс на Горан Стојаноски на пазарот за меѓународен транспорт за соседните земји и поранешните ЈУ простори. Иако располага само со три камиони, влекачи и приколки со цирада, успешно се носи со силната конкуренција и одолева на ривалите. Не случајно, туку поради фактот што зад сопственикот стои заднина од 11 годишно искуство во оваа комплицирана бранша за менаџирање. Особено и поради фактот што долг период стагнира вредноста на транспортните услуги и одвај се составува крај со крај, поради високите цени на горивата. Последниве години некако се стигнува до позитивната нула со релативниот пад на нафтата.
– Не е едноставен амбиентот за управување со транспортот кога нема берза на товари. Ако паѓа цената на нафтата, не значи дека останатите дажбини за резервни делови, сервиси, осигурувања на возилата, давачки за сертификати, дозволи, трошоци за одржувања, масла за подмачкување, гуми и други материјали, имаат стабилни цени. И тие растат и се повисоки. Сепак, последниве години, падот на цената на нафтата влијаеше барем малку да ги “извадивме маските” и еснафот на товарните превозници полесно да дише. Тоа не може да се разбере дека околностите се погодни, но се делумно подобри – илустративно објаснува Стојаноски.
Но, тоа не е којзнае колкава шанса да се ублажи или надомести загубеното со години, децении.
– Условите и натаму се сложени. Не само поради ниските цени на транспортните услуги, туку и поради недостигот на квалификувана работна рака. Возачите на камиони и без искуство се дефицитарни. И тоа претставува проблем. Тешко се најдува асолен “мајстор” за управување со камион кој ќе го чувствува возилото како свое. Малку се таквите кои го доживуваат и одржуваат возилото како алат со кое заработуваат или егзистираат. Ретки се одговорните и посветени возачи, снаодливи по граничните премини, каде, за да не се чека со саати или денови, нужни се “трикови”, кои не влегуваат во трошоците на транспортот – кажува Стојаноски.
Како и да е, БМ транспорт ја дели судбината на колегите во земјава. Не презема ризични зафати за подем и обновување на возниот парк, туку внимателно ги анализира состојбите на пазарот, ги адаптира на сопствена моќ и постепено се движи по нагорна линија. Без еуфорија и големи амбиции, туку со неколкукратно премерување на секој потег, се одржува малата транспортна флота на бурните друмски маркети каде “големите риби ги јадат малите” или оставаат простор за дополнување, односно кислород за ситните, колку да дишат на “шкрги”.
![]()

