Треба ли човек да се занимава со оваа работа? Има ли некаква полза од тоа ако се пишува за многуте јазични грешки? Дали е работата веќе непоправлива? Вознемирувачко е тоа прашање, но состојбата е таква што не принудува на вакво размислување.
Еве, банален случај. Снемавме струја. Моравме да се јавуваме во Скопје за да прашаме. Се јавува љубезна госпоѓа (госпоѓица) и вели: “Дајте ми број на корисник, инаку не ќе можам да ви одговорам”. Ја бараме сметката за струја и го бараме бројот. Навистина, така пишува – “Број на корисник”. А зошто не – “Број на КОРИСНИКОТ”? Именката КОРИСНИК треба да биде членувана. Исто како во болничките формулари каде што пишува – “Потпис на ЛЕКАР”, наместо на ЛЕКАРОТ. Исто како онаа емисија на некоја од нашиве телевизии која гласи – “Мој доктор”, или онаа “Мој термин”. Зошто се испушта членот? “Мојот доктор”, “Мојот термин”, така треба да гласат овие синтагми. Зошто никој не му укажува на Васко Ефтов (а самиот треба да го знае тоа) дека погрешно е името на неговата емисија – “Во центар”. Именката ЦЕНТАР, мора да биде членувана – ЦЕНТАРОТ. Емисијата е од таков карактер и со насловот се сака да се каже дека се гаѓа точно во ЦЕНТАРОТ на проблемот. По којзнае кој пат ќе повториме дека скопскиот жаргон врши огромна агресија врз македонскиот јазик. Еве уште еден пример. Заменик – министерот за социјала престојува во Прилеп. Разговара со извесна новинарка. Таа вели: “Еве вие дојдовте тука, во Прилеп”. Така слушаат од скопските телевизии и слепо ги копираат. Зошто не се размислува? Кога веќе се определува просторот, местото и кога во тоа место се врши разговорот треба да се употреби прилогот ОВДЕ, а не ТУКА. Реченицата треба да гласи: “Еве вие дојдовте овде, во Прилеп”.
Дебатните емисии привлекуваат внимание. Следиме една таква. За едниот гостин разбравме само тоа дека е професор. Другиот е новинар (најверојатно пензионер). Долго време беше дописник од Словенија. Темата се знае – политиката. Мислењата им се спротивставени. Во еден момент новинарот му вели на соговорникот: “Вие тресете онака, од рукав”. Од РУКАВ! Да го рече тоа обичен скопјанец можеби и ќе го оправдаме, но не смее долгогодишен новинар. Зар не чул дека македонскиот збор гласи РАКАВ, а не РУКАВ?! Разговарајќи така за поголемите партии, новинарот вели: “СДСМ улета со свој предлог”. Каде ли го најде тој глагол УЛЕТА? Зар не можеше да рече дека СДСМ ВЛЕТАЛ со свој предлог, ако веќе така сакал да се изрази? Ова не значи дека префиксот “У” воопшто не треба да се користи, но во конкретниов случај не може така. А се случува да се прават грешки и во обратна смисла. Мнозина мислат дека тој префикс “У” не треба никогаш и никаде да се употребува. Честопати слушаме од спортските коментатори дека екипата не била ВОИГРАНА. Така велат зашто мислат дека ако речат УИГРАНА, тоа ќе биде српско.
Наслов, реклама, преку целиот екран на телевизорот – “Лек против хемороиди, шуљеви”. Ете така, за да разбере секој! ХЕМОРОИДИ е грчки збор, па затоа е пишано и ШУЉЕВИ, како божем тој е наш, македонски. А не е така. Во Скопје, можеби. Инаку, тој е преземен од срспкиот јазик. Старите тие израстоци на анусот ги викаа БОСАЦИ. Сега веќе тој збор е напуштен и сите велат – ХЕМОРОИДИ. Зборот ШУЉЕВИ да му го оставиме на Србите. А ако веќе треба да го напишеме поради некои посебни причини, треба да биде напишано ШУЛЈЕВИ, без разлика што во српскиот јазик се пишува ШУЉЕВИ.
Но, ајде, скраја нека се !
![]()

