Деветтоодделенката Ирина Стеваноска од ОУ „Блаже Конески“ го освои првото место на општинскиот натпревар, “Млади библиотекари” во организација на градска библиотека. Второто место í припадна на осмоодделенката Михаела Петлеска од истото училиште, а осмоодделенката Сара Петреска ОУ “Круме Волнароски” од селото Тополчани беше третопласирана.
На државниот натпревар во Велес, под менторство на наставничката Верче Искова, Ирина Стеваноска го претставуваше Прилеп и градската библиотека.
Меѓу дваесеттината млади “библиотекари”, таа го освои првото место, откако успеа “наизуст” да го научи прирачникот за подготовка на кандидатите за натпреварот за млади библиотекари и ја почувствувала душата на библиотеката, длабоко продирајќи во нејзините организациски слоеви. Стотината страници ги голтала како алва, влегувајќи во тајните на пишаните извори, стекнивајќи теоретски сознанија за библиотекарството како дејност и наука. Махер е за прашањата од доменот на развојот на писмото, книгата, библиотеките, библиотечното работење преку дефинициите и поимите приспособени и пристапна за возраста на учениците. Знае која ознака носи романот, а каква периодичниот печат. Евиденцијата, сигнирањето и каталогизацијата и систематизацијата на книгите и другиот библиотечен материјал и се во малиот прст.
Жири – комисија ги бодувала писмените одговори на учесниците.
– Манифестацијата ги развива навики за користење на библиотеките кај најмладата популација, овозможувајќи им достап до извори на информации. Учениците непосредно се запознаваат со работата на библиотечните единици, создавањето, обработката, депонирањето и користењето – велат од библиотеката.
На учесниците во натпреварот им беа доделени дипломи и книги од најновите изданија од ризницата на пишаниот збор.
![]()

