Некој си прочуен арамија слушнал за итроштините на Пеја Итроманецот и решил да го испроба својот арамиски занает. Го нашол еден ден в чаршија и му предложил да го научи да краде.
– Добро – му одговорил Пејо, мислејќи си во себе дека не е лошо човек да знае нешто повеќе.
И тргнал со арамијата. Поткраднале што поткраднале ситни работи по чаршијата, отишле и в село. И тука украле по некое јагне, јаре, кокошка, јајца и арамијата видел дека ќе го бидува Пеја и за оваа работа, и решил да го подложи на најзрел испит, па му рекол:
– Знаеш што, Пејо. Ти го испече донекаде мојот занает. Треба уште нешто да ти кажам и да те испробам. Ако излезеш како што треба, ќе ти дадам диплома. Ене ондека на врбана има страчкино седело. Во него има јајца на кои лежи страчката. Гледај ти сега како ќе и ги украдам јајцата, а да не сети страчката и да летне.
И се качил стариот арамија, го продупил седалото одоздола и и ги украл сите јајца на страчката без да го забележи и да летне. Арно ама, во тоа време Пејо се качил по него. Дури арамијата занесен во кражбата, Пејо му ги одврзал бечвите и полека-полека му ги збутнал, та слегол и ги скрил во трњето крај врбите. Кога слегол арамијата и се видел без бечви, му ја подал раката на Пеја и му рекол:
– Дај ми ги, Пејо, бечвите и оди ми со здравје. Го положи и овој испит.
Така Пејо добил уште еден занает, но никогаш со него не се користел, зашто не бил арамија по душа.
![]()

