Ракомет: Женскиот тим на Прилеп ја крева формата
– Совладано Овче Поле, следи дербито со Куманово
Седмото коло од Женската ракометна лига го донесе вториот есенски триумф на Прилеп, со резултат 24-21 над Овче Поле каде убедливо најефикасна со 12 гола беше Бојана Јованоска. Таа е голгетер на тимот со 49 гола на шест меча. Постигна 12 гола и против Пелистер. Втора сезона настапува за Прилеп, а постојано патува од Струга да игра на бековската позиција. Своите видувања ги дава во пресрет на дербито дома в недела (14 ч.) со Куманово.
Досегашната кариера?
– Играм од 11 години во Стружанка, совладувајќи ги основите од тренерот Новко Ѓорѓиевски. На 19 години заминав во Вардар, со кој настапував во ЕХФ купот. Потоа играв за Куманово во купот Челенџ. После пристапив на Мобидик Охрид, со кого бевме први во Првата лига. Во лето играм и ракомет на песок за Струга.
Најуспешниот период?
– Времето во Стружанка, матичниот клуб. Истовремено играв за кадетки, младинки и сениорки. Освоив две злата и едно сребро. Бев и кадетска репрезентативка.
Доаѓањето во Прилеп?
– Лани прво контактирав со тогашниот тренер Жане Дисоска, потоа со управата. Така се случи трансферот.
Настапите на екипата есенва?
– Имавме и добри и лоши моменти. Испуштивме победа над Пелистер на домашен терен. Поразот беше само со гол разлика. Најдобри партии дадовме со Гевгелија и Овче Поле, кои ги совладавме.
Вашата игра на бековска позиција?
– Моето место е лев бек, каде најдобро се снаоѓам. Просекот ми е осум гола по меч.
Даваш чудни голови, оддесно со десна рака?
– Немаме левучар во екипата и за секој што игра на таа позиција е малку потешко. Како ми успева? Со техника на шут и искуство.
В недела играте со Куманово?
– На првиот натпревар загубивме, оти недостасуваа неколку играчи. Скромниот играчки кадар – девет играчи и голман, беа причина за поразот. Ако техничките грешки ги сведеме на минимум в недела, очекувам победа.
Каде е местото на Прилеп?
– Доколку го вклучиме и шампионот Вардар, кој ќе влезе во плеј – офот, достижно е 4 место во Лигата.
Мажите со Борец
Машкиот суперлигаш Прилеп убедливо е поразен со 28-21 во Охрид. Беше третиот есенски пораз. Екипата на Томче Петрески и натаму е бодовно блиску до водечките. Наредниот меч е дома в сабота (18 ч.) со Борец.
Табела: Охрид и Пелистер по 16, Еурофарм и Пролет по 13, Прилеп 12.