Историја
Есента 1976 година, на пријателскиот натпревар со југословенскиот шампион белградски Партизан (0-2), од дресот на Победа се прости левата полутка, капитенот Живко Ѓорѓиоски. Незаменливиот во екипата цели 12 години беше испратен од преполнетиот стадион со аплаузи. Следеше резиме за богатата кариера.
– Сите желби ги остварив, освен една – не заиграв ни минута во Првата лига. Имав шанса за Хајдук, но ме задржаа семејството, Прилеп и Победа… Фудбалскиот леб може да биде и горчлив. Секогаш си напрегнат, не постојат слободни саботи и недели… Потребни се откажувања. Треба сериозно да се тренира, да се игра со срце, да не се потценува противникот. Но, најбитно е, паралелно со спортскиот живот, да се води сметка и за школувањето, зашто кариерата е покуса од животот – порача Ѓорѓиоски.