Фудбал: Марјан Радески, еден од македонските херои
– Пресреќен сум оти сонот стана јаве
Цела држава е на нозе, се прославува големиот, историски успех на Младата репрезентација на Македонија, која се пласира на Европското првенство 2017 во Полска, а еден од јунаците е Марјан Радески. По триумфот во вторникот пред 25 илјади гледачи на арената “Филип Втори” со 2-0 над Шкотска, фудбалерот кој израсна во прилепскиот фудбалски расадник одвај го добивме на мобилен. Заслужено славеше со соиграчите цела ноќ, а во средата имаше честитања и приеми кај претседателот Ѓорѓе Иванов, како и во други институции.
Нема одмор?
– Не. Цел ден е исполнет. Во ФФМ се поделува радоста, оти ова го направивме за нашата Македонија.
Кога си во Прилеп?
– Не знам точно, оти имам обврски кон Шкендија. В недела гостуваме во Кратово кај Силекс, в среда играме за куп со Работнички. Дури по дербито со Вардар, се надевам на слободен ден.
Прилепчани се горди, меѓу нив Тони Наумоски?
– Тренерот Тони Наумоски има голема заслуга. Кај него се оформив во фудбалер од деветтата година до заминувањето од 11 Октомври во Металург.
Како гледаш на успехот?
– Дел сум од генерацијата која прва се пласира на Европско. Пресреќен сум. Сонот стана јаве.
Прво место, над гигантот Франција?
– Гигант, но не се исплашивме. Тие фудбалери, од престижните европски лиги, ги сметаме дека се како нас. Знаеме фудбал, макотрпно тренираме и се бориме за резултат. Немавме комплекс на пониска вредност.
Украина ни помогна?
– Го совлада Исланд со 2-4 на гости, а многумина очекуваа немотивирана лесно да загуби. Украина има одличен состав, за врвни дострели. Одигра чесно, за пример.
Тони Наумоски
Шанса за трансфер
– Голема работа е што сме пред Франција, Украина… Се гордеам со Радески. Од девет години беше во Школата. Од таа генерација излегоа голманите Давор Талески и Игески, Јорданчо Наумоски, Лоренцо Николовски… Талески настапи за младата до 21, а Наумоски до 17 години.
Како во Полска?
-Можат добро да се претстават и на Европското в година. Најмалку шест – седуммина се кадарни да станат носители во сениорската репрезентација.
Иднината на Радески?
– Има можност за трансфер. Летоска го бараше Мајорка, но не го пуштија. После овој успех отворени се вратите во голем европски клуб.
Елитно друштво
Македонија првпат е во фудбалско друштво со најдобрите. Пласман на Европско обезбедија: Чешка, Италија, Португалија, Данска, Шведска, Германија, Словачка, Англија и домаќинот Полска. Безмалку сите гиганти. Бараж е надеж за Шпанија, Србија, Австрија и Норвешка.
Никаде ги нема Хрватска, Романија, Турција, Грција, Холандија, како уште 30 репрезентации од Европа.