ГОЛЕМ СКОК ВО КВАЛИТЕТОТ

Моделарство

Воздухопловниот клуб „Фил феникс“, со директорот Здравко Тодороски, на Спортскиот аеродром уште еднаш успешно организираше светски купови во воздухопловно моделарство „Македонија куп“ и „Никшиќ куп“. Сметајќи го и пред два месеца “Трофеј на Прилеп”, државава е единствената со три светски купа. Се натпреваруваа 74 пилоти од Бугарија, Данска, Шведска, Германија, Русија, Црна Гора, Србија, Словенија и Македонија.

За врвните спортисти не беа доволни петте турнуси да се добијат победниците. Високиот квалитет на леталата, оспособеноста и стручноста на учесниците, идеалните временски услови, придонесоа во двата купа да се случат дополнителни флај – оф летови пред стемнување. Значајни се настапите на Македонците. Одржувањето во континуитет на врвни светски натпревари придонесе тие да бидат во контакт со светската елита и со новите технологии. Нашите пилоти се почесто се пробиваат кон врвот, а освоија и медали. Најуспешни беа “бронзени” Небојша Стошиќ (Ф-1-А), Коста Стојановски (Ф-1-Ц), Александар Цветановски и Аљоша Анастасов (Ф-1-Б), а двапати “сребрен” Марјан Димов (Ф-1-Х).

Најдобри држави се: Русија со пет злата (осум медали) и Бугарија со четири злата (11 медали).

Loading