ГЛЕДАЈТЕ ГИ „БОМБАРДЕРИТЕ“

Ракомет: Екипата на Прилеп е лидер во Супер лигата

– По триумфот над Пелистер, следува Работник

Kon tretiot triumf - Orjonikidze i Bozaroski

Лажна слика беше летото за екипата на Прилеп, кога се покажа во бледо издание на пријателските натпревари и во европскиот ЕХФ куп. Вистинското лице е есенва, на првенствените суперлигашки дуели. Во првото коло беше 31-24 дома против Вардар јуниор, а во второто постигната е голема победа над фаворитот Пелистер.

– Изненадување, но не и сензација. Одигравме дисциплинирано, ги почитувавме задачите. Порано било неможно да се порази Пелистер дома. Еве успеваме две години со ред – вели Александар Бозароски, капитенот.

Како лани, така и годинава, Прилеп славеше во најракометниот град – Битола. Во тешко освоивата тврдина, спортската сала “Младост” после негативата од пет гола (17-12 на полувреме), на крајот на семафорот пишуваше 30-32. Екипата на Томче Петрески направи пресврт против тимот на прославениот тренер Касим Каменица.

– Петте гола предност за домаќинот не беа резултат од лошата игра, туку на многу погодени стативи. Игравме квалитетно 60 минути и помогнати со добра одбрана. Го зголемивме темпото кога насетивме дека имаме шанса за три бода – ја пренесува Бозароски психолошката атмосфера во тимот.

На голманот Рајчиќ му се запишани 15 одбранети удари, а меѓу стативите напомош е Трајковски. Меѓу стрелците се младите Петрески и Јанески со по еден, Ангеловски со два, Петкоски со три, Ѓорѓиески со четири, додека најрасположени за тресење на домашната мрежа беа Бозароски со 10 и Орјоникидзе со 11 гола. Меѓу “бомбардерите” е новодојдениот Грузиец, двометрашот Орјоникидзе.

– Грузиецот е корисен. Се подобрува соработката со него и со останатите од меч во меч. Двајцата одигравме одлично, но заслугата е подеднаква на сите соиграчи. Ракометот е колективен спорт – вели Бозароски.

Ракометните аналитичари ги менуваат предвидувањата. Екипата на Прилеп ја сметаа за просечна, за место во средината од табелата, но сега ќе треба да се коригираат. Тимот претендира на врвот. Падна Вардар јуниор, потклекна Пелистер, а в сабота е интересен меч со Работник (19 ч.). Прескокнат е еден битолски тим, на ред е вториот во кој главни играчи се голманите Арсиќ и Чаневски, потоа Караиванов, Чурлевски, Филиќ, З. Мојсоски, Ашраф, Енрике, Долиќ, Мемиќ, а тренер е Иван Марковски.

– Имаат неколкупати поголем буџет од нашиот. Се засилија и јака страна им е одбраната во длабока формација 3-2-1. Нашето најсилно оружје е нападот. Да видиме кој ќе победи, нападот или одбраната – вели Бозароски.

Влезот е слободен и се очекува преполна трибина во салата “Ричко”.

Женско дерби

Викендов е третото коло од Женската лига. В недела (17 ч.) во СОУ “Ристе Ристески – Ричко” е пелагониското дерби Прилеп – Пелистер. Убава можност по подолго време да се проследи женски дуел. Екипата на тренерот Рубин Богојески во првото коло со 29-23 загуби во Куманово, а во второто беше слободна. Тимот на Пелистер загуби двапати, на гости од Овче Поле и дома од Куманово.

Loading