Се извишила високо велелепната црква Св. Преображение покрај реката во близина на познатата Стара црква. Зрачи од убавина, изразит архитектонски зафат и е богат духовен извор. Прилепчани ја викаат “грчка црква”. Веројатно, зашто на времето, Грците биле главни донатори и “цутела грчката пропаганда”.
Со мирис на древност, кубури години. Денес “поднашминкана” дава посебен шмект на амбиенталните нитки на Прилеп. На сликава, дверите и се дрвени и има главна порта и помошно вратниче. Ја “нагазиле” разни војски. Прикажаниве војници веројатно се бугарски. Пред портите неколку минувачи или верници со бастунчиња “цупкаат” по прашливата улица пред портите на црквата.
Порано црквите биле места преку кој се ширеле разните пропаганди на државите. Црквата и денес е во функција. Разубавена, уредена, со свои верници, кои ги посетуваат службите. Во дворот направена е и нова камбанарија.