Пред официјалниот старт на новата учебна година, учениците од музичкото училиште беа активни. Поточно и во текот на летниот распуст постојано другаруваа со музичките инструменти и имаа и официјален настап.
Со концерт на пијано на кој учествуваа ученици од класата на проф. Христина Никоска, во изложбениот салон на ЦК “Марко Цепенков”, кој се одржа на 30 август, музичките таленти ја направија завршницата на традиционалната манифестација “Прилепско културно лето”, што веќе неколку години ја организира националната установа. На концертното пијано кое од неодамна го поседува градот и е наменето за потребите на образување, учениците изведоа композиции од Чајковски, Моцарт, Бетовен и други. Настапија Лена Калеска, Стефанија Котеска, Катерина Николоска, Матеја Блажеска, Климент Тавчиоски, Елена Дамеска, Марија Котеска, Давид Аљакоски, Исидора Ангелеска, Емануел Петрески, Михаела Ристеска, Марија Котеска и Арсениј Ангелески.
На концертот учениците потврдија дека умеат да бидат вистинско културно освежување.
Веднаш потоа, освен пијанистите, својата трудољубивост и посветеност за музичка едукација, ја докажаа и со концертот кој се одржа во рамките на Манифестацијата “Бела ноќ” што се организираше во рамките на одбележувањето на 25 годишнината од независноста на Р. Македонија. Освен пијанистите, на концертот настапија и учениците кои изучуваат виолина, хармоника, кларинет, народни инстументи, флејта, саксафон, гитара, труба и соло пеење. Свиреа Настапија: Вања Младеноски, Мевљуд Асаноски, Мирослав Миленкоски, Петар Костадиноски, Александар Козароски, Ердал Ајдароски, Марија Котеска, Ивана Стојаноска, Марија Јоневска, Арсениј Ангелески и Сергеј Настевски.
Инаку, заради комплетната реконструкција на основата на музичката зграда која датира од 1923г. и поставување на носечките подлоги на катовите, од 1 септември, наставата, наместо во училиштето Ордан Михајловски Оцка, се реализира во простории во ОУ „Кочо Рацин” и ОУ „Рампо Левката”, како и во ЦК „Марко Цепенков” каде е поставен концертниот клавир.