Авто шлеп Шинде

Пет години континуирано им излегува во пресрет на возачите во неволја сервисот и авто шлеп службата Шинде на Горан Спиркоски. Не само што ги крева и превезува со приколката автомобилите со дефект од по патиштата до посакуваната дестинација на возачот, туку на некои ја поправа авто механиката во сопствениот сервис. Ако “маната” е ситна, се обидува и на место да го оспособи автомобилот и да ги сметни нервозите и главоболките на луѓето кои тргнале на пат од различни потреби. Специјалност му се автомобилите Опел. За нив располага и со по некој резервен дел сопствениците да не талкаат.
– Официјално работам пет години, по 17 годишното усовршување. Ми лежеа автомобилите. Занаетот го совладав од дете. Бев чирак кај мајсторот Келтане. Секој ден откривав нови начини за отстранување на дефектите. Така, од предизвик, и младешки занес, станав професионалец. Последниве години се модернизирав со компјутерска дијагностика, која овозможува лесно откривање на проблемот. Нема Опел што не ќе го “кренам на нозе” – вели Спиркоски.
Објаснува дека Опелите имаат многу здрави и издржливи мотори.
– Уште се користат возила од минатиот век. Плус се пристапни за работа. Тие се возила за посиромашните категории граѓани, оти се релативно евтини. И деловите имаат пристојни цени и се најдуваат такаречи насекаде – кажува Спиркоски, кој на 20 годишниот син Дамјан веќе му ги пренесува марифетите на занаетот.
Шлеп службата функционира 24 часа, особено преку летото и зимно време кога се случуваат сообраќајни незгоди.
– Луѓето имаат мака и бараат чаре. Има случаи на проблем со автомобилот во кој има деца, а надвор е студено или е пекол. Го оставам сервисот или станувам од сон, да го отстранам возилото од патот. Заминувам да помагам дури и од планините со теренското возило. Без разлика на денот или ноќта, го траснпортирам возилото оштетено или со дефект до дома, до нивниот сервис. Секаде во земјава каде ќе посака возачот. Нечовечки е да се остават луѓето на цедило, безпомошни. Ем несреќа, ем повредени, уште да се остави оштетената кола крај патот некој да ги искраде остатоците. Се соживувам со маката. Гревота се луѓето. Работата не е само бизнис, туку има хумана димензија – кажува Спиркоски.
Сервисот авто шлеп Шинде претендира да се развива со набавка на помодерна опрема, но сопственикот засега не ги открива идеите.
Пехари за теренско возење

Со сопствената креација на џипот Сузуки Самурај, Спиркоски е еден од многуте запаленици за возења на џипови на екстремни терени.
– За Оф роуд, возам мал Сузуки Самурај, оти ми одговара на мојата физичка големина. Тоа е мал теренец што го адаптирав да ја “чешам крастата”. Се собираме триесетина луѓе во недела да “изораме” некој дел од природата со кал, со прашина во околината и да ги задоволиме страстите. Трошиме за нашиот ќеф многу или како што се вели, еден ден бркаме задоволство, а после цела недела ги отстрануваме дефектите. Тоа е скап спорт. Учествуваме и на трки, оф роуд. Последниот викенд го зазедов петтото место во конкуренција со многу силни машини кај селото Куратица кај Охрид – вели Спиркоски.
![]()

