Ресторан Панорама

Да се одржи приватен бизнис 36 години и да се развива до врвот на угостителството во изострена конкуренција не е само потфат за признание или честитки. Плод на макотрпен труд е опстанокот, напредокот и одолевањето на сите тешкотии. Искуството од неполни 15 години во државните кафеани во градот, во офицерскиот дом, на мотелот Езеро, во бифето на плочникот, па и во Маврово и кусо со ортаците во автентичниот амбиент на ресторанот, воденица, Брсјаци, под Вештачкото езеро, биле референците и појдовната точка кога во 1980 година Љупчо Ацески го отворил приватниот ресторани со поголеми димензии, Панорама. Запливал самостојно во неомилените, за тоа време, приватните води, без фанфари и свечености, туку скромно, накитен само со храброст, верба во сопствените способности и готовност за деноноќна работа.
Веќе половина век ветеранот на угостителството е насмеан, ведар и расположен. Го изоде трнливиот пат, оставајќи печат на прилепското угостителство и длабока трага за своите потомци да го продолжат трасираниот пат. Неуморен е и жилав и во пензионерските денови. Не умее да мирува и со скрстени раце да ја чека пензијата. Угостителството му влегло во крвта. Покрај вкусната храна, гостите ги чести со пријатен лаф муабет, оти е препознатлив по гостољубивоста. Им ги прави сите метании на гостите во ресторанот со 200 столици, погоден за семејни веселби, покрај наследниците, синовите Оливер и Роберт. Им стои диван, ги почестува со по некоја чашка за наздравје, во име на куќата. Стил на живот му е љубезноста, почитта на гостите, оти тие не знаат да згрешат и нивните потреби за него се закон. Со таа девиза го одржува бизнисот, го унапредува во дослух со времето. Такви совети им пренесува на неговите потомци кои сега го водат ресторанот.
– Се опстанува и се напредува само со квалитет. И со спремност за битка со ривалите. Задоволство ми е да се мерам со младите конкурентите, да “трчаме” за гостин повеќе со понуда. Панорама е препознатлива по оригиналните специјалитети од прилепската кујна, “Ширден” и “Турлитава”. Нема импровизации. Доаѓаат гости од земјава и од странство да ги пробаат вкусовите на нашиот автентичен рецеп и мајсторилук на подготовка. Уживаат и пак се враќаат, оти храната кај нас не е да се заситат гостите, туку подготовката е уметничко дело кое треба да ги импресионира гостите комплетно, од сервирањето во порција сé до салфетите. Храната не е само задоволување на апетитот, туку претставува незаборавно доживување, па и за најпребирливите гурмани. И скарата на жар не е едноставна постапка да се стави месото и да се испече. Нужно е соодветно внимание и подготовка со мерудиите, печењето, и на крајот сервирањето и декорирањето на гарнирот – кажува дел од вештините Ацески.
Тој се радува на задоволните гости. Го споделува нивниот ќеф. Тоа го прави среќен и горд што создал имиџ на виртуоз во кулинарството. Смета дека перспективите на ресторанот ги доверил во сигурните раце на своите деца, кои ги следат традициите и формулата на успехот. Сепак и денес влегува во кујната, да додава, одзема во подготовката, да прави некои финеси и да ги предава на децата последните тајни од кулинарските марифети.
![]()

