Се издолжил Прилеп до сегашната Гимназија. Последен објект е едниот камен магацин од Тутунскиот комбинат. Кадрото го овековечило Прилеп пред да се прошири накај Маркукуле.
Во фокусот на сликава е амбиентот околу Соколаната. Уште ја нема Гимназијата, а се истегнало прилепското поле. А Марковите кули го чекаат градот да го “прегрнат” во прегратките.
Архитектурата е стара, но интересна. Куќите зрачат со својата автентичност. Високи, со дрвени кепенци, со многу прозорци, со чардаци. Старите граѓани биле и многу чисти.
Тука е и познатата Соколана. Во неа тренираа нашите дедовци, татковци. Спортисти т.н соколи. Тука се одржувале игранките, баловите, се раѓале љубови, се вкусувале првите бакнежи.
Се извишило минаре на џамија кај сегашниот Здравствен дом. Имало соживот со Турците. Градот пулсира во тој стил и начин на живот. Надмено, гордо, исполнето. Како што му доликува.