КОСЕНА – СТРИЖЕНА

ivce1Некогаш, како деца, со зината уста слушавме кога ни ја раскажуваа приказната за лошата жена. Имено, патувале маж и жена низ полето и наишле на некоја убава ливада. Мажот рекол дека ливадата е убаво окосена. Жената се спротивставила. Таа велела дека не е окосена, туку е острижена. Така, расправајќи се, косена-стрижена, не забележале дека пред нив има бунар. Жената пропаднала во бунарот. Почнала да се дави, но, и оттаму покажувала знаци со прстите што прилегаат на ножици, тврдејќи дека сепак, ливадата е стрижена.

Пред некое време пишувавме за извесна книга од Агата Кристи чиј наслов е погрешно преведен – “Мистеријата на седумте бројчаници”. Зборот БРОЈЧАНИЦИ е погрешен. Треба да гласи – БРОЈЧЕНИЦИ.

Фрливме извесен поглед врз неколку страници од книгата. Онака, згора-згора. Веднаш се потсетивме на споменатата приказна. На едно место во книгата пишува за некаков тревник. Тој бил убаво исчистен и ПОТСТРИЖЕН. Необично, зар не? ПОТСТРИЖЕН тревник! Оригиналот на книгата е англиски. Преведувачот (ката) ни кажува дека во Англија тревниците се стрижат, а не се косат.

Прелистуваме по страниците. Среќаваме ваква реченица: “На неа и се чинеше дека дури тука може да се види вистинскиот живот”. Честа грешка во скопскиот говор. Ја слушаме редовно од новинарите (скопски), еве сега и ја читаме во преведена книга. Не може и не смее да биде – “На неа и се чинеше”, треба да гласи – “Нејзе и се чинеше”. Ќе поканат некого во некоја емисија и на крајот му се заблагодаруваат за учеството. А тој (или таа) “Благодарам и јас на вас”, наместо “И јас вам ви благодарам”.

На некоја од наредните страници во книгата пишува дека некој некого погледнал ПОПРЕКУ. Токму овој збор како да сака да ни каже дека преводот е правен од српски, а не од англиски јазик. Или, можеби српскиот превод и служел на преведувачката само за компарација на некои изрази. Како и да е, во нашиот јазик не може некој да погледне некого ПОПРЕКУ. Тоа може да биде НАПРЕКУ, НАСТРАНА или најточно – НАПОРКИ. Србите имаат израз УЗДУЖ И ПОПРЕКО, но кај нас тоа не е така. Во таквите ситуации ние би рекле – ВДОЛЖ и ВШИР. Но, ете, преведувачката го зела српскиот збор.

Еве и еден друг буквален превод. Станува збор за некаква исхрана. Јадел некој сланина и бубрези. Реченицата гласи: “До грло сит од сланината и бубрезите”. И за ваквите случаи имаме ние свој израз. Кај нас би се рекло дека некој е сит ДОГУША, а не ДОГРЛО. Тој израз се употребува и во други случаи кога станува збор за нешто што е ненормално многу или ненормално големо. Ќе речеме дека некој е зафатен со работа ДОГУША, некој е задолжен ДОГУША. Никој кај нас не би рекол дека е зафатен со работа ДОГРЛО. Но, еве, преведувачката направила грешки ДОГУША. Еве уште една. За некого се вели дека СЕ СИМНАЛ ДОЛУ, а некоја пак имала ВИТКО ТЕЛО. Се разбира дека треба ВИТО тело, а не ВИТКО. Имаме ВИТА ела, ВИТА снага, не ВИТКА. ВИТКА е нешто друго. Дел од зелникот (Витките колку гредите:народна песна).

Следува грешка, одново карактеристична за скопскиот говор. Во приватни разговори тоа може да се чуе, но во литературен текст не може и не смее. Реченицата гласи: “Повторно се симна долу”. Повторно слезе долу”, така треба, а не СЕ СИМНА. А колку пати сме слушнале дека некој СЕ СИМНАЛ по скалите, СЕ СИМНАЛ со лифтот, СЕ СИМНАЛ од планина. Глаголот СИМНАЛ не е повратен и затоа не може да биде СЕ СИМНАЛ, туку СЛЕГОЛ.

Еве уште еден невообичаен и нејасен израз: “Да влезе во еден од своите стакларници и да се послужи со грозје”. Нејасно. Најверојатно се мисли на СТАКЛЕНИЦА. Можно е лозјето да било заштитено со стакло. Но, тоа е СТАКЛЕНИЦА (стакленик), а не СТАКЛАРНИЦА. Стакларница е продавница или фабрика за стакло.

Ете така. Преведена и отпечатена книга. Пуштена во продажба. Потпишан преведувач. Тука мора да има лектор, иако не е потпишан. Грешкиве што ги набележавме се од неколку страници.

Ех, кога би била само оваа книга лошо преведена.

Loading