УСПЕХОТ НОСИ СЕРИОЗНИ ОБВРСКИ ЗА ПРИЛЕП

Ракомет: При крај е одморот, наближуваат подготовките

–  Достојно претставување на три фронта

Rivali na evropskata scena - Prilep i Vintertur

Покрај фудбалот, традиционално со децении, најсакан спорт во градов е ракометот. Затоа со воодушевување се поздрави големиот успех – четвртото место во суперлигашката конкуренција на екипата на Прилеп. Спортот, како и животот, нема застој и се бара од добро – подобро, од високо – повисоко. Може ли екипата на Томче Петрески да продолжи во нагорна линија?

Клубот, обновен пред пет години, имаше за цел, чекор по чекор да напредува, почнувајќи од “нула”. Тргна од понискиот ранг и се чинеше дека се потребни повеќе години за елитното друштво. Реализацијата се случи во сезоната 2013/14 и во наредните две првенства се очекуваше тимот постепено да се етаблира во новата средина. Стратегијата се фокусираше околу местата во “златната средина”, а дури по неколку сезони собрано искуство да се истакне кандидатура за плеј – офот. Планот многу често е под, а сега обратно – над очекувањата. Затоа изгледа предвремен високиот пласман на шестото место во првата, а истото може да се каже и за четвртото место во втората сезона. Сега не само што вторпат беше учеството во плеј – оф фазата, туку изборено е место во Европа.

Практично, екипата на Прилеп со претходниот успех сама си зададе сериозни задачи, односно, со високиот пласман зеде обврска за следни високи дострели. Борбата е за достојно претставување на три фронта. Во септември се дуелите од европскиот куп ЕХФ против силниот состав на Фади Винтертур од Швајцарија, потоа е стартот на Супер лигата, на крај учеството во домашниот куп. Во домашното првенство желбата е да се повтори минатиот пласман, во купот да се стигне до завршницата, а не е безначајно и претставувањето во ЕХФ купот. Иако ждрепката го донесе големиот фаворит, убаво е да се даде достоен отпор. Како во играта, така клубот треба да се претстави на планот на организацијата. На ова поле уште нема потврда дали првиот меч со Швајцарците ќе се одигра во Универзалната сала.

Одморот привршува и наскоро тргнуваат подготовките. Добро е да се задржи оптимистичката атмосфера. Затоа треба да се задржи досегашниот играчки кадар и да се донесат неколку засилувања. Тимот заслужува поддршка, заслужува поголем буџет да ги оствари амбициите, според барањата на многубројните приврзаници на ракометот во Прилеп.

Томче Петрески

Важна е стабилноста

– Добивме силен противник. Винтертур е екипа која со квалитетот ќе стигне далеку во купот ЕХФ. Но, во овој момент многу поважна е стабилноста на клубот. Организациски се средуваме и ќе можеме да размислуваме само за ракометот – вели тренерот Томче Петрески.

Респект од Швајцарците

Клубот Фади Винтертур бргу дојде до информации за екипата на Прилеп. Швајцарците имаат респект.

– Знаеме колку се добри македонските тимови, главно од Скопје. Генерално силни ракометари има во екипите од Источна Европа – сметаат во Фади Винтертур.

Екипата објави две засилувања: Хрватот Кудуз и Данецот Лагерхус.

Loading