Фудбал
Бразилецот Антонио Кавалиери и Хрватот Јосип Срдаровиќ се најновите фудбалери, дојдени на проба во прволигашот Победа. Тие настапија на последниот тест во Пехчево, против штипска Брегалница (1-2). Играа во второто полувреме, првиот на лева странична, вториот на десна бековска позиција. На Стручниот штаб останува да ги оцени квалитетите до среда од што ќе зависи дали ќе бидат засилувања за наредната сезона.
Победа имаше тест и во Струмица, каде под рефлектори одигра нерешено (1-1) со Беласица. Планот на тренерот Дарко Крстески е целосно реализиран и тимот подготвен ќе го пречека стартот на 7 август.
Според распоредот, во првото коло Победа се среќава дома со пелагонискиот ривал, битолски Пелистер. Да беше дербито на стадионот “Гоце Делчев” сигурно ќе имаше 10 илјади гледачи. Бидејќи теренот се реновира, мечот ќе се игра во Битола или во Кичево. Во Битола е добро поради публиката, а во Кичево за да ја нема предноста Пелистер. Понатаму, “возниот ред” е следниот: во 2. коло на гости кај Силекс, во 3. дома со шампионот Вардар, во 4. на гости кај Шкендија, во 5. и 6. дома со Шкупи, односно Брегалница, 7. коло го носи гостувањето кај Македонија ЃП, 8. дома со Работнички и 9. е гостин на Ренова. Есента ќе се одигра и вториот круг, до 4 декември. Во 16-финалето од Купот, Победа на 17 август ќе гостува на скопскиот третолигаш Фортуна.
Излезе информација дека ќе биде ангажиран скопјанецот Горан Бојчевски, тренер со про – лиценца, каков што мора да има секој прволигаш. Работел како тренер во футсал. Во случајот само се користи лиценцата, а шеф на Стручниот штаб останува Дарко Крстески, кој е заслужен за успехот – подемот од Трета до Прва лига.