БОЛНИЦАТА СЕ РЕНОВИРА

ivce1Се реновира болницата. Одлично! Ќе се поправат многу работи. Многу нешта ќе се доведат во ред. Има еден проблем за кој речиси никој не се интересира. Натписите по вратите и по ѕидовите и многуте јазични грешки во нив. Ќе се поправат ли? Сега е моментот да се прочисти тој јазичен неред.

Влегувате во главниот влез. Веднаш “добредојде” ви велат убаво испишаните табли на ѕидот. Ве информираат кое одделение на кој СПРАТ се наоѓа. Човек што си зел слобода, се разбира и пари, да пишува такво нешто, треба да знае дека македонскиот збор е КАТ, а не СПРАТ. Зар тоа не им ги боде очите на пациентите, на вработените и на управата? На другиот влез (источниот) стои натпис – ЗАТВАРАЈ ВРАТА. Во зимскиот период оттука дува ветар, па ете, некој се сетил, да ги предупреди оние што влегуваат дека треба да ја затвораат вратата. Но, зошто не напишал – ЗАТВОРАЈ ЈА ВРАТАТА како што треба? Нашиот глагол гласи ЗАТВОРА, а не ЗАТВАРА, а именката ВРАТА треба да биде членувана – ЗАТВОРАЈ ЈА ВРАТАТА.

На повеќе места по вратите среќаваме плакатчиња на кои пишува – ПОСЕТА НА БОЛНИ, а оздола се набележани часовите во кои може да се врши посетата. ПОСЕТА НА БОЛНИ! Како да е можна посета и на некои други, кои не се болни. Придавката БОЛНИ треба да биде членувана, тоа е определена придавка, се знае за кои болни станува збор. Оние кои се хоспитализирани во односната болница. Значи – ПОСЕТА НА БОЛНИТЕ. На секоја врата пишува што претставува соодветната просторија. Среќаваме и врата на која пишува КУПАТИЛО. Српски е тој збор. Именката е добиена од глаголот КУПАТИ (се) и не може како таква да се вклопи во нашиот јазик. Некој тоа го насетил, па во новата зграда (Инфективно) напишал на вратата КАПАТИЛО и направил уште една грешка, а мислел дека го решил проблемот. Нашиот глагол гласи СЕ КАПЕ или СЕ БАЊА, а во граматиката постои правило дека во просториите или во предметите во кои се врши некакво дејство именките имаат наставка НИК или НИЦА. ЧАДИ – ЧАДИЛНИЦА, ТОЛЧИ – ТОЛЧНИК. Можни се и проширени наставки – АЛНИК – АРНИК. ПЕРАЛНИК – котел во кој некогаш се переа крупните алишта. МЕСАРНИК – ковчег (ноќви) во кои се месе леб. Според овие правила, просторијата во која се капеме треба да гласи КАПАЛНИК. Но, тешко е сега тоа. Нашите лингвисти не го форсираа своевремено овој збор кој можеше и може да си добие соодветно место во нашиот речник. Сега, затврдена е формата – БАЊА. Така треба да се вика “купатилото”. Во бањата се бањаме, нели?

Се оддалечивме. Да се вратиме во болницата. На еден од лифтовите пишува – ЛИФТ ЗА ИТНИ СЛУЧАЕВИ. Пак тој што го пишувал ова постапил малку потамина. Именката СЛУЧАЈ во множина не може да има таква форма. Ќе набележиме една слична именка, да речеме – ЛИШАЈ. Ако има некој повеќе такви нешта на лицето, ќе речеме дека има ЛИШАИ, а не ЛИШАЕВИ. Затоа и на лифтот треба да пишува дека е тој наменет за ИТНИ СЛУЧАИ, а не СЛУЧАЕВИ.

Збунувачки ни подејствуваа некои натписи на вратите во Хируршкото одделение. На некои од вратите испишано е името и презимето од докторот и под него – ХИРУРГ. На некои други врати, името и презимето на докторот и одоздола – ХИРУРГ СПЕЦИЈАЛИСТ. Навистина збунувачки! Според нашите скромни сознанија секој хирург е специјалист. Не е јасно зошто некаде е тоа нагласено, а некаде не е. Консултиравме некои лекари и тие го потврдуваат нашево мислење. Зошто треба да се потенцира дека хирургот е специјалист?! Но, еве, ја задржуваме можноста дека можеби не ни се јасни некои нијанси во лекарската хиерархија.

За натписите на вратите од амбулантите сме се изјаснувале и порано. Само накусо ќе повториме. Погрешно и нелогично е тоа – СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО – КОНСУЛТАТИВНА амбуланта. Ако е веќе неопходно да се дообјаснува карактерот на амбулантата тоа може да гласи: СПЕЦИЈАЛИСТИЧКА, КОНСУЛТАТИВНА амбуланта. А од тие две придавки (специјалистичка и консултативна) не може да се прави сложена придавка: СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО – КОНСУЛТАТИВНА. Натписите, ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ (погрешно) ги среќаваме насекаде по ходниците. Правилната форма ПУШЕЊЕТО Е ЗАБРАНЕТО како да си пробива нов пат. Ја среќаваме неа во некои простории од болниците. Добро е!

Болничките формулари се посебна приказна (жална). Не знаеме кој ги печати и кој кажува како треба да бидат напечатени. Но, вакви какви што се, е недозволиво. Би рекле – СРАМНО.

Еве го моментот. Болницата се реновира. Белки ќе се отстранат и овие јазични недоследности. Белки!

Loading