Нашиот 57 годишен сограѓаните со 12 прекари, Ладе Ристески, се носи со оригинална идеја на први септември во дворот на ОУ Кочо Рацин да ги собере на час сите првачиња од учебната 1966/67 година. Вели дека сите се среќаваат како факултетлии, средношколски матуранти, а тој не ги знае школските другари, бидејки не минал до повиок степен на образование. Ќеф му е да ги види и да ги препознае првачињата од пред половина век. Сака да се потсетат на детските палавштини од првата средба со училиштето, кога фатени за рачиња, на знакот на училишното ѕвонче, влегле во училишните клупи во трка за знаења. Па и да си се најдат едни на други во поодминати години.
– Имам 12 прекари, избрани според работењето, касаплукот, угостителството, мајсторилакот, спортот… Си велам дека и преку нив некој ќе се сети, да направиме средба со кафе, ако не нешто повеќе. Познавам малкумина, а генерацијата беше стотина првачиња во три-четири одделенија. Имам некои фотографии, ама само малкумина можам да ги одгатнам по тогашната или сегашната физиономија – вели Ристески.
Дали идејата на Ристески ќе наиде на поддршка, ќе се открие на почетокот на учебната година.