ШУМА КОЈА ПЛИВА

Северниот бисер на Егејот – Тасос

– Населените места се крај плажите вгенздени во зеленило

– Богата борова шума се спушта до рајските заливи кои нурнуваат во кристалното зелено море

– Изобилството на питка вода ја разредува соленоста на морето

Limeni - glavno mesto na Tasos so sest prekrasni   plazi

 

Во најзелениот и најсеверниот грчки остров на Егејското море, познат како шума која плива, кажуваат дека се заљубило храбро момче со кралско потекло, Тасос, барајќи ја девојката, феничанската принцеза Европа, која ја грабнал и ја одвел во непознат правец Зевс. Се уморил трчајќи по принцезата, застанал, ја прекинал трката и трајно останал. Жителите погодени од вниманието, островот го нарекле по неговото име. Вечно останал вљубениот Тасос со приказната од митологијата.

Денес, Тасос е остров со прекрасни плажи, мирно и чисто море со илјада и една нијанса на сино, изобилство од сонце и шуми на копното, мир и тишина која одекнува бескрајност.  На зелениот скапоцен камен живеат околу 16.000 жители во дваесетина места, претежно крај морето, покрај живописните песочни плажи во заливите. Порано населението живеело на ридовите. Поради туризмот, се приближиле до Егејот. За престој на туристите уредени се во убав комфор доста кревети во апартмани, бунгалови и хотели… Тасос е и остров на гостопримството. Неочекуваните посетители ги дарува со вкусни јадења, сочни салати, маслинки и козјо сирење, благородни вина и ракии…

Главното место е на север на островот. Тоа е поголемиот град и пристаниште со шест прекрасни плажи во сенки на борова шума. Добро е снабден. Сé е на дофат на рацете, особено таверните и винариите под платнени крошни. А виното е традиција долга над три милениуми. Местото е познато и како Лимена. По крајбрежјето на островот изграден е пат, кружно околу 100 километри. Сé е прекриено со шума, претежно иглолисна. Затоа овдешниот мед, кој се смета за специјалитет, има темна боја и извонреден вкус. Највисокиот врв на островот се наоѓа на 1.204 метри надморска височина. Се вика Ипсарион и го дели Тасос на два дела. Источната страна е прекриена со густа борова шума, стрмна е и вертикална, а на запад, поблиску е морето, со благи ридчиња кои преминуваат во рамнина со маслинки, лозја, овоштарници… На север се зеленчуковите градини, а од страната на морето, фарми за одгледување школки, ракови.

Островот изобилува со питка вода. Потоците на изворите ја разредуваат соленоста на морето на плажите. Богат е со борова шума, која се спушта до рајските, песочни плажи и заливи кои нурнуваат во кристалното зелено море. Тасос е полн со недопрена природа, со многу мали скриени заливи, богат со археолошки наоѓалишта, манастири и традиционални села.

Plazite se milina a moreto e bistro i cisto pa i   razblazeno

Островот е на дофат на Кавали, поголем град и центар на Тракија. Од Солун, источно, е оддалечен 160 километри. Ферибот од Кавали до Тасос или Принос патува околу еден час. Меѓутоа, доколку од Кавали по асфалт се продолжи уште 40 километри, до Керамотија, помал град и пристаниште, со ферибот на Тасос се стигнува за дваесетина минути. Траекти од Кавали стасуваат и до Лименарија, градче на јужниот ‘рт на островот.

Сите населени места по должината на брегот, нови и убави палати на кат или два, со тераси, се градени блиску до морето, на педесет или стотина метри од песочните плажи вгездени во зеленило. Тивко е и мирно. На ридовите се старите куќи и цркви, панорама над Егејот. Патиштата се асфалтирани. Брзо се стигнува веќе во пустите села. Домаќините организираат излети за задоволство на гостите. По правилата на традиционалното гостопримство, како свои меѓу своите, се нудат стари заборавени јадења, салати, маслинки, козјо сирење, “благородна” капка домашна ракија позната како узо или мастика. На трпезата се сервираат и печени јариња.

Во сите места крај морето, плажите се многу убави. Морето е бистро и чисто, па и “разблажено” од врвот Ипсарион. После градот Тасос, наредени како бисери се населби раскошно осветлени од сонцето и со шума во заднината – Макримос, Панагија, Голден бич, Скала Потамос, Кинира, Алики, Нунера, Потос, Пефкари, Лименарија, Калиракис, Принос… Туристите секаде се почитувани гости. Малите места се одлично снабдени со риба, месо, свежи печива, млечни производи, овошје и зеленчук. Гостите кои готват храна во апартманите немаат главоболка, но имаат тишина и мир, комодитет на плажите и внимание од домаќините.

Poln e ne samo so nedoprena priroda tuku i so polno mali   skrieni zalivi

Пред да го населат островот Феникијците, кусо престојувале Тракијците. Тоа било околу 2000 година пред новата ера. Островот го спомнува и Хомер во делото Одисеја, кога тројанскиот јунак Одисеј скитал низ морињата, барајќи ја татковината, островот Итака. Наишол на сирени кои волшебно пееле да го привлечат на брегот. Одисеј, пред тоа, ги затнал ушите да не ја слушне песната и ја избегнал заседата.

Античкото племе Паријана на Тасос основало колонија околу 700. години пред Христос. Останале до почетокот на новиот милениум и многу се збогатиле. Благосостојба и богатство стекнале со трговија по целиот Медитеран. Извезувале вино, мермер и злато кое на островот го копале во рудниците. Кренале убав град со кули, додека на релјефот над капијата врежале митолошки ликови на јунаците. Во 12 век п.н.е. подигнати се во центарот на Агора, храмови посветени на божицата Артемида, јунакот Херкул и богот на морето Посејдон. Крај патот за познатата плажа Макриамос, северно од Агора, се наидува на многу сочуван театар. Во археолошкиот музеј, сместена е, меѓу другото, огромна статуа на храбриот Тасос кој во раката држи овен, долг три ипол метри. Зградата на музејот е покрај мала песочна плажа, источно од главниот градски трговски центар крај патот со многу “паркирани” стари бродови и чамци. Пражителите на Тасос толку добро работеле што и покрај Римјаните, цели два века, биле успешни трговци на Медитеранот.

Островот е и едно од првите места на христијанството после посетата на апостолот Павле, кој ја проповедал новата вера. Изградени се стотина цркви, а и неколку манастири.   

Насмевката и музиката, со боженственото изгрејсонце, прават спомените никогаш да не бледнат. 

Pretopuvanje na moreto i vegetacijata

Loading