Фудбал: Дарко Крстески, тренер
– Очекувам уште двајца нови

Победа веќе 17 дена се подготвува за новото прволигашко првенство. Одработен е, можеби најтешкиот, кондициски дел, а секако исто значење се придава на техничко – тактичкиот. Следува фазата за воигрување низ пријателски натпревари. Тренерот Дарко Крстески ги сумира впечатоците.
Како се подготовките досега?
– Одлично. Немаме повредени, сега – засега оној дел во трчањето го сработивме дисциплинирано. Така се однесуваа и досегашните првотимци и тие што дојдоа летово. Мислам дека ќе можеме да составиме добар тим од 25 играчи што ќе одговорат на задачите.
В недела патувате за Банско, Бугарија?
– Ќе одиграме две пријателски со Пелистер и Академија Пандев. Во најава е и трет, со некој бугарски прволигаш или сличен по сила противник. Кога ќе се вратиме, планирам уште две – три. Го чекаме и распоредот, за да не играме тест со тие што ќе ни паднат во првите првенствени кола.
Ждрепката е на 15 јули?
– Со нетрпение ја чекаме за да го дознаеме редоследот на ривалите. Тоа суштински нема ништо да помести, оти работиме без оглед на распоредот.
Збор – два за Банско?
– Местото ни е добро познато од лани. Два терени се на располагање. Има услови за работа и за одмор. Планираме два тренинга дневно, покрај пријателските мечеви.
Списокот е готов?
– Не е уште готов, оти очекувам уште двајца нови. Мислам дека со шпицот Цветановски од Пелистер е завршена работата, а очекуваме уште едно име, Пеев, играч од средниот ред, повратник од Грција.
Нивните квалитети?
– Познавајќи го стилот на Цветановски мислам дека лесно ќе се вклопи во нашава игра. Пеев е големо освежување, а со искуството ќе биде столб во централниот дел.
Очекувавте играчи од Африка?
– Ништо од тоа. Имале проблеми со визите и не успеавме да ги пробаме.
Какви се шестмината нови?
– Засега добро тренираат, агилни, ги исполнуваат максмално обврските. Подобра слика ќе добијам на пријателските. Тие се играчи кои биле во Победа, повратници. Само Иванов е сосема нов. Ги знаат соиграчите, знаат што сака Победа од нив. И малиот Лука Трајкоски од кадетската школа досега добро работи.
Немате заминати?
– Имаме играчи што треба да заминат. Ќе гледаме да ги понудиме во второлигашки екипи. Такви се тројца – четворица.
Влатче Петрески?
– Се опорави од повредата. Тренира по специјална програма и одделно работи. Сметаме на него како дел од тимот.
Победа – Турново
Првиот пријателски меч се игра денес (17.30 часот) на Градскиот стадион “Гоце Делчев” меѓу Победа и Хоризонт Турново. Се очекува бројна публика, бидејќи е прва можност да се видат новите играчи и од трибина да се поддржи овој тим за прволигашките предизвици. Тренер на гостинската екипа е Јане Николоски.
![]()

