СТАРТ СО ИЗЛОЖБА НА ЕМИЛ СОЛЕСКИ

Започнува манифестацијата „Прилепско културно лето“

So izlozbata na Soleski zapocnuva kulturnoto leto

 Со изложбата „Момент“ со осум скулптури во камен од вајарот Емил Солески, вечерва од 19.30 часот во галеријата од ЦК „Марко Цепенков“ започнува традиционалната манифестација „Прилепско културно лето“.

– Изложбата можеби е индивидуална, но повеќе универзална естетика, поврзана со природата, нејзините форми, текстури, појави во даден момент… Колку блиску е сега, случајност на која делуваме – вели Солески.

Според Никола Јованоски, давајќи му живост на студенилото, топлина на мртвилото и бројни варијации на димензијата, Солески доловува моменти од нашите клокотења, преточени во изблик на несекојдневни моменти кои оставаат траги.

Солески е дипломец на ФЛУ во Скопје, на отсекот вајарство. Имал три изложби во Прилеп и три во Крушево, каде работи како професор по ликовно образование. Бил дел од повеќе групни изложби. Автор е на дел од бистите во алејата на народните херои. Негов потпис има и на спомениците на Пере Тошев и Пеце Атанасоски.

Манифестацијата ќе трае до крајот на август. Според директорот на ЦК „Марко Цепенков“, Тони Чатлески ќе се реализираат бројни културни настани.

– На различни простори ќе се одржат концерти, изложби… Идната недела е концертот на хорот Св. Злата Мегленска, потоа концертот на харфа со Мерсиха Шукри, концертот на Арт либитум трио… Тука е и интернационалната ликовна колонија Дрен, која годинава ќе се одржи во просторот на Центарот, во ликовното ателје и во дворот, како и единствената манифестација, Изворен фолклор на балканските народи – вели Чатлески.

Поголемиот дел од настаните ќе се реализираат со средства од Центарот за култура, а дел со поддршка на Министерството за култура.

Loading