Темелкоски трејд

Страста кон велосипедите го „натерала“ 26 годишниот Благоја Темелкоски, со стекнувањето на полнолетството, да навлезе во бизнис водите. Но „идејата за бизнисмен“ така речи тлеела уште од мали нозе, додека љубопитно и со полно внимание го набљудувал татко си како тргува на тезга со железарија, водоводни елементи… Не му преостанало ништо друго, освен да го наследи семејниот бизнис,”Темелкоски трејд”. Веќе осум години “стопанисува” на тезга, а од неодамна се прибра и во дуќан во уличката кај влечкарите. Нуди продажба од “ситнурии” за водовод – туш батерии, рачки, црева, славини… до опрема и делови за велосипеди и мотори, односно “милион” артикли, кои доминираат со најниски цени. Покрај тоа што е одамна познат сервисер за превозни средства на две тркала и педали, новина во неодамна отворениот дуќан е и продажбата на нови и половни велосипеди за сите возрасти и за сечиј џеб, а по највисок квалитет. Така, на муштериите, од едно место им излегува во пресрет за сите нивни потреби – од домаќинствата до “надворешните потреби”.

– Сакав да пробам како е и во дуќан. Луѓето ме знаат од на тезга, но полека го научуваат и дуќанот. Татко ми 15 години е во оваа бранша. Љубовта е наследна. Кога веќе ги поправам велосипедите, зошто и да не ги понудам по далеку поприфатливи цени. Одлучувачки фактор беше тоа што велосипедот сé повеќе станува начин на живот, а не само основно превозно средство за до работа или здраво хоби – кажува младиот Темелкоски.
Од стартот пред осум години, најголемо внимание посветува на квалитетот на стоката од широкиот асортиман, задолжително нудејќи им на клиентите и квалитетен сервис. Ваквиот пристап низ годините е препознаен од многубројни задоволни корисници на неговите услуги. Посветувајќи им посебно внимание и нега, ги враќа старите и “изнемоштени” велосипеди во полна форма, подобри од штотуку купените. Со поглед ја утврдува состојбата на велосипедот – на гумите, можните оштетувања и напукнувања и слично, кои укажуваат на потреба од промена. Негувајќи исклучително добар однос со клиентите, им дава и бесплатни совети за одржување на превозното средство на две тркала, стоејќи им на располагање за отстранување на било какви натамошни дилеми. Затоа, не само што има редовни муштерии, туку досега никој не се пожалил. Така задоволството е обострано. Со чесна работа, без трикови, ставајќи ги зборот и потребите на муштеријата на прво место, успешно чекори по бизнис патеката, секогаш отворен и за нови клиенти, со ветување дека така и ќе остане и во годините што доаѓаат.

– Ме исполнува комуникацијата со муштериите од различни возрасти, со различни погледи на животот. Од секој не само што ќе научиш по нешто, туку и полесно врви работата. Нема поголем ќеф кога ги огрева насмевка дека го нашле бараниот производ, кога им се најдувам за сé и сешто – додава Темелкоски, кој “старите” го знаат како тезгаш, а новите се привлечени од дуќанот.
Дека крвта не е вода, сведочи фактот што припомош му е помалиот брат Даниел, кој полека, сé повеќе ги учи марифетите на занаетот.
Кажува дека е рано да се говори за подемот на дуќанот, но не негира дека придобивки има и од едното и од другото. Не ја запоставува трговијата на тезгата во пазарот, но се носи со идејата да работи со продажба на големо и да ја проширува дејноста.
![]()

