Во недостаток на поквалитетна програма, на нашиве телевизии најчесто се вртат народните приказни, емисии од областа на кулинарството и емисии од областа на здравството. Обично гостуваат разни познавачи или специјалисти од соодветната област.
Еве таков случај. Емисија од областа на здравството. Темата е, нешто во врска со проблемите и болестите на желудникот. На екранот, со крупни букви се испишани најчестите тегоби – КИСЕЛИНИ, ПОДУЕНОСТ, ГОРУШИЦА. Во емисијата гостин, лекар специјалист. Не само што се напишани на екранот, туку ги слушаме и од докторот односните проблеми што може да ги има човекот со желудникот. Читаме и слушаме ГОРУШИЦА. Наш човек може да каже дека стомакот му се подува, може да каже дека има киселини, но дека има ГОРУШИЦА, не ќе да чуеме многу често. А зошто докторот го употребува тој збор? Зошто лекторот дозволил тој збор да биде напишан во текстот на екранот? Тој збор не е наш, го нема во нашиот јазик. Не е одбележан во ниеден речник. Наш човек кога ќе почуствува такво непријатно печење во желудникот, ќе рече дека има ЖИГОВИНА. Жиговината е предизвикана од лошо варење на храната. А за самиот збор ЖИГОВИНА, знаеме сите. Во Прилеп би рекле – ЖЕГОЈНА. Од каде го изнајдоја и го измислија зборот ГОРУШИЦА, зошто го употребуваат кога имаме наш, општо познат збор – ЖИГОВИНА! Тој е одбележан и во сите наши речници. Вака, слушајќи, ќе му се збурбати на човека, па може и да добие ЖИГОВИНА.
Следиме контактна емисија на една наша телевизија. Во таквите емисии што се не ќе чуеме. Еве, сега слушнавме дека меѓу нашите политичари постоеле и такви со УСИЈАНИ глави. Зошто да не се рече дека се тоа ВЖЕШТЕНИ глави, туку УСИЈАНИ? УСИЈАНИ не е наш збор. Придавката ВЖЕШТЕН е општо позната. Можно е меѓу политичарите, како и во други области, да има ВЖЕШТЕНИ глави, а не УСИЈАНИ. На пример, може да се рече дека некој состанок се одвивал во ВЖЕШТЕНА атмосфера, со силни и неконтролирани чувства, со разбеснетост. Тој збор (вжештеност) не е непознат, па нема ни потреба да се бара или да се позајмува друг, од друг јазик. Нема да биде грешка ако се рече дека постојат и луѓе со УСВИТЕНА глава. И тој збор го има истото значење како и ВЖЕШТЕНА. И тоа се луѓе непромислени, брзи, избувливи, импулсивни.
Значи, го имаме зборот ВЖЕШТЕН (вжештена глава) го имаме и УСВИТЕНА глава, а ние посегаме по тоа што е туѓо.
Сме се искажувале и порано, но еве сега повторно. Глаголот БАВИ (се бави) во нашиот јазик значи дека некој бавно ги извршува работите, се бави, ганѕало е. А во наш дневен весник прочитавме наслов: “ Бугарските свештеници не ќе можат да се бават со политика“. Глаголот БАВИ (се бават) го слушаме мошне често со ваква погрешна употреба. Во насловот од весникот што го споменавме не треба да се разбере дека бугарските свештеници не ќе можат бавно да се занимаваат со политика. Насловот треба да гласи дека бугарските свештеници не ќе можат да се ЗАНИМАВААТ со политика, а не дека не ќе можат да се БАВАТ.
Не еднаш сме слушнале и сме прочитале дека едикојси се бавел со таква и таква работа. Не! Човекот се ЗАНИМАВАЛ со таква и таква работа. Ако речеме дека се БАВИ, значи дека бавно работи.
Погрешно е и тоа ако речеме дека некој ОБАВУВА некоја тешка работа. Треба да се рече дека ИЗВРШУВА тешка работа а не дека ОБАВУВА.
Не е тешко сево ова да се разбере, но ете нашиов човек БАВНО ги осознава овие нешта.
Но, ајде ! Ако е забавено, да не е заборавено !
Благоја Ивчески