Фудбал: Ванче Манчевски, голман
Меѓу триесетина првотимци на новиот прволигаш Победа има само еден кој не е прилепчанец, голманот Ванче Манчевски. Започнал на седумгодишна возраст во Вардар, каде ги минува сите категории. Продолжува во Цементарница, Шкендија и Металург. Првпат во странство заминува во Елбасан, вториот пат во Беса Каваја (Албанија). Претходно и потоа настапува за Работнички и Тетекс, од каде ланската есен дојде во Прилеп.
Како го оценувате осуммесечниот престој во Победа?
– Прекрасен период во кој запознав прекрасни личности. Изгубив тренер со кој изградивме прекрасен однос, каков што треба да има секој голман со својот тренер. Викаат крајот делото го краси, а нашиот крај беше феноменален.
Контрасти – тешки и радосни мигови?
– Во фудбалот има и радост и тага. Фудбалското искуство ми дава стабилноста кога е најтешко. Тоа помага на присебноста.
Кој натпревар Ви беше најдобар?
– Нема таков сезонава. Победа е тим составен од одлични индивидуи. Сите ја завршуваа задачата. Немав посебен натпревар, со многу интервенции. Ако треба да одвојам некој меч, тоа е дебито со Кожуф во Гевгелија.
Како беше кога Победа падна седма, при дното?
– Сите верувавме во можностите и во саканата цел – Првата лига. Ако имало некој кој не верувал во квалитетите на овие фудбалери, го потврдивме спротивното. Покажавме карактер, со кој дадовме повеќе од можностите и го направивме овој успех кога беше најтешко.
Факторот број еден?
– Единството во клубот. Управата, тренерите, играчите со огромно искуство на повозрасните беа помогнати со квалитетот и желбата за докажување од помладите. Тука се и верните навивачи, нашиот 12-ти играч.
Каков е овој состав?
– Составот игра заедно три години. Тоа е огромна предност. Располага со силен потенцијал во играчи како Шаркоски, Карчески, Дунимаглоски и останатите. Тука се најискусните Мегленски, Гешоски и Крстески. Тимот има сила за успешна прволигашка сезона со неколку засилувања.
Дали сигурно останувате?
– Победа има најверни навивачи не само во Македонија, туку и пошироко. Покажаа како се бодри и се сака клубот без разлика во која лига се натпреварува. Најголема причина да продолжам во Победа секако се “Мајмуните”. Сакам да играм пред полн стадион како секој спортист. Разговарав со претседателот Ингилизов и со тренерот Крстески. Се надевам дека скоро ќе потпишеме договор.
Преодниот рок од 15 јуни
Приврзаниците на Победа со нетрпение очекуваат кои ќе бидат засилувањата. Летниот преоден рок ќе трае од 15 јуни до 31 август. Секако, активностите на овој план се почнати многу порано. Сосема извесно дека новите фудбалери е можно да се појават токму на првиот ден од преодниот период, бидејќи тогаш е и првата прозивка на тренерот Дарко Крстески.