СТАРА ЦЕНА НА ЃУБРЕТАРИНАТА СО СЕЛЕКЦИЈА

ЈП Комуналец

Расте граѓанската совест за одделување на органскиот од неорганскиот смет

Колку повеќе граѓаните го диференцираат отпадот, толку подолго нема поскапување на сервисот за исфрлање на сметот, а средствата се насочуваат за инвестиции

Депонијата ќе се претвори во фабрика за природно ѓубре за земјоделците

Prilep se prepoznava po selekcijata na otpadot - Zlatko   Risteski direktor na JP Komunalec

Уште илјада канти за смет во жолта и зелена боја наскоро ќе бидат распределени меѓу семејствата за селекција на отпадот. Тоа е една од етапите на големиот проект на ЈП „Комуналец“ за селекција што ќе финишира со ставање во функција на фабриката за селекција на градскиот отпад кај депонијата Алинци до крајот на годинава.

Да ги одржи постојните цени за ѓубретарината, јавното претпријатие претендира на семејствата во индивидуалните домови да им распредели, на сегашните 15, уште пет илјади. Или до крајот на 2017 година секој дом да има по две канти или вкупно нешто над 30 илјади канти за примарна селекција. Со тоа градот ќе биде прв во земјава што ќе има комплетно решена првостепена селекција по европски стандарди.

Кај граѓаните кои живеат во колективни станбени објекти веќе се поставени големи контејнери за хартија, пластика и за органско ѓубре.

Досегашните ефекти се повеќе од задоволителни, иако транспортот се одвива со две возила.

Fabrika za recikliranje na otpad

– Селектираниот материјал е зголемен за 20 отсто во споредба со лани, а трошоците се исти. Од граѓаните дневно преземаме околу 90 тони ѓубре. Од овие количества, веќе 27 проценти завршуваат на селекција, а не на депонијата. Овој обем е во постојан подем, а со тоа и приходите од продажба на секундарните суровини. Кога ќе заврши распределбата на кантите на секој дом, очекуваме да имаме примарна селекција до 40 отсто и да влеземе во втората фаза, во фабриката за селекција. Над 70 отсто од опремата за фабриката веќе е стигната и е платена. Се очекува до крајот на годинава да се изгради халата на депонијата Алинци и да се селектира отпадот што граѓаните не го одделиле. Односно, ќе се диференцира органскиот од неорганскиот смет. Веќе се обезбедени околу десет милиони денари. Се чека само дозволата за градба на халата во Алинци – вели директорот Златко  Ристески.

Граѓаните нема да добиваат повисоки сметки, бидејќи го селектираат ѓубрето. Со тоа се штеди на транспорт до депонијата и се продава рециклираниот материјал. Пластично кажано, колку повеќе се селектира отпадот, толку повеќе стагнира цената на сервисот за преземање и превоз на ѓубрето. Или ако ПВЦ амбалажата и хартијата се стави во зелената канта, се направил сопствен потег за заштеда. Дури и за идните генерации. Зашто со редукција на трошоците не само за превоз, ЈП Комуналец создава околности за вложување во продолжување на процесот на селекција во таканаречената трета фаза. Терцијалната селекција, или компостара, е претворање на органскиот отпад во природно ѓубре за земјоделството, кое се продава.

Gubreto e pari

– Со завршувањето на процесот на одделување на органското од неорганското ѓубре, ќе бидеме подготвени за активирање на опремата за преработка на органскиот отпад. Првин на депото ќе го оставаме отпадот на четири-пет месеци, а во 2017 година ќе се активира компостарата – вели Ристески.

Со правилното управување со отпадот драстично се намалуваат трошоците. Инвестицијата е и влог за иднината, според европските мерила. Процесот на селекција ќе биде и обработка на складираното ѓубре со децении во Алинци. Опремата има капацитет да ја исчисти и депонијата да исчезни за четири-пет години, а од сметот да се прават пари.

Linija za sekundarna selekcija na otpad

Со последните вложувања од околу 200 илјади евра се затвора целиот процес на преработка на прилепскиот отпад. Вкупната инвестиција на сопствени средства на Комуналец е околу 50 милиони денари, од кои поголемиот дел или 30 милиони денари се веќе инвестирани.   

Зелени и Жолти канти

Во зелените канти со волумен од 120 литри се депонира  органскиот смет таканаречена мокра постапка, а во жолтите, неорганското ѓубре или сува постапка. Едната канта ја плаќа Комуналец, а другата семејствата со сметката за ѓубретарина на 24 рати.   Неплатената канта се надоместува со собирањето на отпадот за неколку години. 

Loading