МААЛСКО ПЕЧЕЊЕ НА ЛЕБ И МЕСО

Фурна Ридарец

Najstariot furnadzija go prenese zanaetot na   sinot

Катаутро, веќе три децении, пријатна арома на топол леб и бели печива се шири високо над градот во населбата Рид, привлекувајќи ги муштериите да дојдат и да ја задоволат не само гладта, туку и окото со изработките од тесто. Фурната Ридарец, со долга семејна традиција која датира уште од 1989 г., е место каде се продава леб по рецептот на најстариот мајстор Симон Стеваноски, но и место каде можете да го почувствувате духот на минатите времиња низ сеќавањата на сопственикот.

– Излегов од “УТРО” со 24 плати и ја направив фурната. Првин беше тешко, дури да се снајдеш, оти требаше капитал. Полека се пробивав со труд и квалитет. На почетокот сам месев и печев. Кога тргна работата, зедов работници. Првин директно го земаа лебот од фурна, а потоа со возила го превезувавме по продавници – кажува Стеваноски кој е пекар од 1962 г.

Бил пекар дури кога служел војнска. Печењето леб особено во ѕидана фурна со тули, е тежок занает. Но, ако се работи со ќеф, се печали.

– Рецептот за успех е да не се лакоми на количества, туку по квалитет. А тоа се постигнува со физички и психички напор, со неспиење, бувтање по цели ноќи, дури 16 саати дневно, а за празници и по 24 ч. Голем беше меракот за леб. И сопругата Перса помагаше, ми тргаше цедило. Тешко е, но и парите се послатки. Две куќи направив од фурните – со гордост кажува стариот фурнаџија.

Наследникот, синот Боже Стеваноски, сега е менаџер на фурната. Ја презел во свои раце, откако татко му Симон станал пензионер пред осум години. Можеби не меша прсти во тестото како татко си, но вешто ја раководи фурната. Не откажува, ако треба и да подаде рака, подобро и побрзо, да се заврши работата.

Тајната за опстанокот низ годините е во чувањето на мистеријата на марифетот на најстариот фурнаџија. За квалитетот на лебот по традиционални рецепти, наградени се со почит од муштериите, кои постојано пак се враќаат. Наслушувајќи ги желбите и потребите, катадневно се трудат муштериите да уживаат во мискојната и вкусот на свежо испечен леб и бели печива, со што заземаат значајно место на семејната трпеза не само во градот, туку и во селата Славеј, Обршани, Бела Црква, Воѓани, Чепигово, Тројкрсти, Ношпал, Клепач, Канатларци…

– Од отворањето на фурната, има муштерии кои и ден денес го консумираат нашиот леб. Ако не беа задоволни, немаше да го купуваат. Квалитетот зависи и од работниците и од брашното. Сега е друго време. Нема печалба којзнае колку, но се заработува за живот. Маки мачат со дивата конкуренција која никнува преку ноќ – вели наследникот Боже.  

Иако е нужна храна, лебот е намален на 17 денари. Ако колонијалите го земат од фурната, цената е уште подобра. Дневно вадат шест фурни. Покрај леб, по порачка печат сé што е тесто – лепчиња, погачи, поскури, кифли, киснато. Особено познати се по маалското печење месо. Има попусти за празници и за лојалните муштерии.

Секогаш имаат топли печива. Тенденција им е проширување на производството, а лебот “Ридарец” наскоро ќе тргне и за Скопје.  

Loading