Унистон
Печејќи го занаетот и собирајќи искуство низ неколку компании, Кире Дурланов веќе три години “крши” камења во фирмата Унистон. Рударско-геолошкиот техничар се зафатил со мермер и гранит од 18 години. После неколку обиди, основал сопствена компанија, а ветер в грб му бил кредитот за самовработување. Почнал од нула, работејќи в гаража. Потоа купил и место за погон. Полека, чекор по чекор, набавувал машина, по машина, па и камионче за транспорт. Така, денес нуди широка палета производи од различни материјали од сите димензии.
Мермерот и гранитот се материјали, а идеите и уметничката визија на Дурланов создаваат дела. Првенствено споменици, но и ентериери и екстериери, скали, огради, тераси, подови, плоштатки, окапници, камени шанкови, камини, сé, до фонтани и базени. Сé што се фантазира, Дурланов го прави реалност. Одржувајќи чекор со модерното време, поседува технологија за веродостојно да ги исполни и најтешките желби и барања на муштериите. Следејќи редовно нови форми и дизајни, почести се и нарачките за кујни и тоалети од мермер. Во зависност од потребите, врши полирање, гравирање, резбарење букви, изработка на слики за споменици со CNC машина.
Народната поговорка “цврст како гранит” го води мајсторот на овој занает.
– Потребно е искуство и малку умешност. И креативноста е неизбежен детал. Не е целта да се работи, туку квалитетот се става на прво место. Нужно е производот да биде перфектно и префинето сработен. Без да се мрдни милиметар од квалитетот, нужно е да се почитуваат договорените рокови – кажува каменопреработувачот.
Предноста е во изборот на квалитетни гранит и мермер, професионална обработка и монтажа. А големиот избор на домашни и увезени материјали, заедно со поволните цени, се главни својства заради кои се зафатил да постила и внатре и надвор со ексклузивно обработени камења од Гевгелија до Охрид. Во меѓувреме освојува муштерии од Крушево, Кичево, Битола, Демир Капија, Ресен. Цената ја одредува видот, начинот и количеството на употребени материјали.
Високиот квалитет е резултат на ентузијазам, способност и спремност да се одговори на специјалните барања на пазарот. Секоја фаза од производството, детално и внимателно ја планира. Каменот да добие душа како да дише треба да се нацрта и рачно и компјутерски. Обработуваат длабок релјеф речиси во сите бои, црно, сиво, црвено… Од огромни плочи се крои мермер или над 30 видови гранит. Мариовскиот мермер е најквалитетен. Оттаму се создава и задоволството на клиентите.
Дел од работниот ангажман му е во погонот, а дел на терен, на монтирање. Ефектот се разликува по единствениот изглед, трајниот материјал и врвната завршна обработка.
– Битно е и да се истружи, да се сложат димензиите и да се изведи монтажа под конец, односно под либела. Џабе си изработил, ако правилно не го поставиш. Занаетот е тежок. Бара прецизност и чесност. Нема компромиси и толеранција ниту на милиметар, оти сé се изложува на вода, прашина, провев, разни временски прилики и неприлики. Проблем е нелојалната конкуренција, дивите ривали кои ги туркаат цените, работејќи на црно – кажува Дурланов, кој заклучува дека ако се сака работата, мора да се успее.
Каменот во Унистон се обработува за сечиј џеб, но без да се затаи на квалитетот.
![]()

