– Буџетот има инвестициски карактер
Измина еден квартал од 2016 година кој е важен временски период кога општината го носи, планира и го реализира буџетот за годината. Дали е развоен? Кои инвестициони и инфраструктурни зафати се планирани?
Годинешниот буџет е динамичен, особено со новиот генерален и деталните урбанистички планови, кои веќе се подготвуваат, со цел да се инвестира во општината во наредниот период. Најголем приоритет се инвестициите насочени за отворање на нови работни места. Буџетот е насочен да создава услови за привлекување на инвестиции, пред сé, на производствени капацитети и реализација на индустриските зони. Дел од буџетот е наменет и за инфраструктурни проекти: изградба на улици, канализациона и водоводна мрежа, парковски површини, реконструкции во образованието, изградба на ново училиште, проширување на капацитетите во градинките, подобрување на осветлувањето со поставување на ново, уредување на централното градско подрачје, нови спомен обележја, реализирање на културни и спортски манифестации… Тоа се планираните активности иако сум сериозно загрижен за политичката, економската и бегалската криза во која е инволвирана и Македонија. Тоа се одразува не само на земјава. Сите негативни последици ги чувствува и општината, која не е изолирана единка.
Прилеп неодамна го донесе новиот генерален урбанистички план, креиран од 2013 до 2023 година, со кој се предвидени поголеми можности и области за зоните за домување и изградба на стопански објекти. Што всушност значи овој стратешки документ?
Градот не се развива, ако нема рамка, генерален урбаниситички план кој има развојна компонента. Предвидени се индустриски зони за да се понудат на домашни и странски инвеститори за отворање на нови производствени капацитети, како и плацеви за индивидуални куќи, со проектите “Купи куќа – купи стан” и “Купи куќа за млади” во типската населба во изградба, Градина, потоа локации за колективно домување, за деловни и трговски објекти, нови градинки, болници, спортски објекти, парковски површини во други населби односно сé она што треба за иден развој на градот. Моментно се работи на 60 детални планови за Прилеп и населените места за да се урбанизираат, а со завршувањето на легализацијата ќе може непречено да се донесат повеќе детални урбанистички планови за планирање на развојот.
Инфраструктурно се доуредува индустриската зона Прилеп 1 и Прилеп 2. Би значело ли тоа нови вработувања во нови производствени капацитети?
Почнавме од празно земјиште, без инфраструктура. Беше изградена канализациона и водоводна мрежа, електрична инсталација до зоната, а сега во Прилеп 1 се градат улици и тротоари. Средствата од 130 илјади евра, се од Светската банка кои се донација или награда за Општината, заради успешно и навремено завршениот проект за изградба на влезот на градот од потегот кај Лукоил до крстосницата кај Солидност. Одлучивме приоритет да се стави на развојот на индустриските зони, да се забрза градбата и да се создадат услови за сите економски субјекти кои на јавно наддавање ги купија локациите, да почнат да ги градат своите индустриски објекти. Кога се продаваат парцели по електронска аукција, инвеститорот има рок од девет месеци да приложи одобрение за градење, проект за објектот, и потоа во рок од шест години објектот да биде завршен. Според законски рокови, тие мора да почнат. Оние кои го пролонгирале тој период, ќе плаќаат казнени пенали, според законот. Оној кој нема да изгради за 6 години, општината има право да ја одземе локацијата и да ја предвиди за продажба за наредната аукција. Да се завршат зоните е обврска на локалната самоуправа. Се надевам дека сите инвеститори ќе почнат да градат, а тоа е надеж за нови работни места.
Атрактивна за домашните компании е и зоната Прилеп 2. Донесени се урбанистичките планови за дел од плацевите кои се понудија на електронска аукција, и наскоро ќе бидат потпишани договорите со купувачите. Во наредните девет месеци мора да приложат проект за градба. Средствата од продажбата и комуналиите и дел од средствата од буџетот ќе се наменат за изградба на инфраструктурата. Во зоната Прилеп 1 се продадоа 22 парцели. Веќе градат 7 – 8 компании. Ќе се вработат нови 200-300 лица, а во зоната има капацитет за 2.000 вработувања. Зона Прилеп 2 е со 14 парцели од кои на електронска аукција се продадени пет локации. Почна и зоната Прилеп 3 во близина на Жито Прилеп каде приватниците ќе изградат индустриски објекти, според деталниот план кој беше по барање на сопствениците на земјиштето. Прилеп 4 е градежно неизградено државно земјиште и ќе биде изработен урбанистичкиот проект и ќе биде понудено на заинтересираните инвеститори. Во слободната економска зона Алинци, веќе се градат двата големи индустриски капацитети на мултинационалните компании Гентерм и Акомпласт. Се надевам дека ќе бидат завршени до септември и 100 работници ќе работат во Акомпласт. Зоната има можност да се проширува со инфраструктурата изградена со владините средства. Се надевам дека политичката криза ќе заврши со изборите на 5-ти јуни, а заинтересираните инвеститори ќе дојдат да градат нови капацитети.
Се искористи и продолжениот рок до 31 март за легализација на дивоградбите. Општината помогна со ажурност, организација и брза обработка. Колку барања за легализација на дивоградби беа поднесени и колку се легализирани?
Во Прилеп имаше повеќе од 15 илјади дивоизградени објекти, а денеска градот е лидер по бројот на поднесени и реализирани барања за легализација. Неделно просечно доделуваме 60 до 80 нови решенија. Легализирани се 9.000 објекти, а поднесени беа над 15.360 барања. Со продолжувањето на рокот, бројката е зголемена за 2000 меѓу кои има и нереални. На крајот ќе дојдеме од 13-14 илјади легализирани објекти со што ќе се стави крај на процесот. Имавме помош и од УСАИД за дивоградбите во ромската населба Тризла. УСАИД овозможи т.н спонзорство за легализирање на дивоградбите. Озаконување се изврши и во населените места и кај стопански објекти кои со децении биле дивоградби. Граѓаните станаа сопственици на куќите по повеќе од 50 години. Добија имотен лист за продажба на објектот, легални куќи што се префрлаат на поколенијата или пак можат да ги заложат за кредит.
ГРАДИНА ЗА СОПСТВЕН ПОКРИВ
Прилеп имаше проблеми со стариот урбанистички план, без метар квадратен за индустриски зони, за болници, градинки, спортски терени итн. Немаше предвидено ниту квадрат за индивидуални објекти, односно куќи?
Со тенденција за грижа за младата популација и обезбедување на сопствен дом, во генералниот план и со детален план, се создаде населбата Градина кај оранжериите со 424 парцели. Таа е модерна типска населба, со широки улици, тротоари, зелени површини. Предвидена е градинка, училиште, спортски комплекс… Изградбата на индивидуално и колективно домување тргнува со почетна цена од 61 денар по метар квадратен. Населбата веќе се уредува инфраструктурно, бидејќи со промовирањето на владиниот проект “Ку куќа за млади”, општините добиваат субвенции за инфраструктурно уредување на населбите.
Кога ќе заврши градбата на капиталниот инфраструктурен зафат, пречистителната станица за отпадни води и санацијата на канализационата мрежа?
Искористен е грант од 27 милиони евра за проектот пречистителна станица со канализациони системи. Граѓаните граделе водоводот со самопридонес. Локалната самоуправа и оваа влада направија граѓаните да не дадат ни денар и да се санира канализационата мрежа. Којзнае колку години ќе беа потребни за ваков капитален проект да се реализира со самопридонес, а е значаен за подобрување на квалитетот на живеење и важен е за развојот на градот. Тоа е бенефитот. Во Европа не се почитуваат градовите кои немаат третман на отпадните води и пречистителна станица. Тоа е основен атрибут за еден европски град. Ние сме први во Македонија! Обезбедивме донација од 20 отсто од државниот буџет и се имплементира проектот заедно со ЈП В и К, кое на директен начин ќе биде вклучено во користењето. Најголемиот бенефит е заштитата на животната средина. Со колекторите покрај реката, ниту еден литар отпадна вода нема да оди во коритото. Првата фаза е завршена, остана уште коритото од малиот мост кај базенот, па нагоре. До крајот на септември ќе биде завршена пречистителната станица за прием на градската отпадна вода. Истовремено се санира канализационата мрежа. Да им се извинам на граѓаните од одредени делови каде уште нема асфалт заради изградбата на секундарната канализација. На сите улици во населбите каде се санира мрежата, Тризла, Варош, кај монтажните куќарки, улицата “Струшка”, спроти храмот Св. Петка, “Чачорица”, дел од “Тапани” (Штавичко маало), “Ножот” и други делови, комплетно ќе биде спроведена канализација долга 70 км., а ископаните улици ќе се асфалтираат или се доведат во првобитната состојба.
Се очекуваат ли нови парковски површини и нивно одржување не само во градот, туку и во селата?
Заради тешките товарни возила кои секојдневно влегуваат во градот, особено од концесионерите на мермер, дел од улиците се изложени на брзо амортизирање, па затоа се крпат двапати, во пролет и во есен. Тука е пролетното бележење на улиците и одржувањето на вертикалната и хоризонталната сигнализација. Се работи и проектот за кружен тек кај мостот Табаана за подобро регулирање на сообрајќајот. Прилеп е еден од најосветлените градови, особено со енергетско и ефикасно осветлување. Во програмата е и средување на тротоарни површини. Се уредуваат тротоарите на ул “Васко Карангелески”, Сточен пазар, Жабино маало, покрај ул. “Трајко Николоски”, “Ленин”, “Димче Антулески”, ќе се градат тротоари во населбите Рид 1 и Рид 2… Со пешачкиот мост во Ѓогдере се поврзува населбата со училиштето, а ќе има и кај музичкото училиште, на дабничкиот канал кој целосно се исчисти. Има пари и за паркови и детски игралишта, за доуредување на веќе постојните зелени површини. Тука е музичкиот парк кај Врбеско маало, Ѓогдере, реновирање на детското игралиште во Рид, доуредување на парковските површини во Точила, околу црквата Св.Петка. Се уредува и Бончејца. За одржување има бунари со техничка вода. Детски игралишта ќе има и во селата Ново Лагово, Кадино Село, Беровци, Галичани и реконструкција на игралиштето во Канатларци.
Прилеп стави акцент на хигиената на градот со ЈКП Комуналец. Организираната селекција на отпадот донесе градба и на фабрика за отпад.
Први ја спроведовме примарната селекција на отпад и поделени се уште 3000 корпи на домаќинствата. Поставивме контејнери за пластика, за органски и неоргански отпад. Создадовме навика која поттикна градба на хала за селекција и рециклирање на отпадот во близина на депонијата Фабриката не само што ќе обезбеди нови вработувања, туку ЈКП Комуналец ќе има и одредена заработувачка, од продажбата на отпадот како секундарни суровини.
Образование, каде и во што ќе се вложува?
Инвестирани се над 12 милиони евра. Со средства од буџетот, од Министерството, бизнис секторот, од европските фондови интервенираме во училиштата кои се гордост. Неодамна во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу” заврши реконструкцијата на скалишниот дел, покривната конструкција, поставена е нова котларница за греење на новата спортска сала, се уредија санитариите. Со донација од ЕУ од 130 илјади евра за енергетска ефикасност, ќе бидат издвоени 80 илјди евра за изолација на училиштето. Во сите училишта се промени дограмата, останува да се реализира наскоро уште еден дел во Гимназијата. Се уредија тоалетите во ОУ “Гоце Делчев”. За музичкото училиште набавен е нов клавир. Се изградија три спортски сали, а четвртата е при крај, тука се и две балон сали, спортски игралишта. Ќе се уредуваат фасадите на училиштата. На барањата на граѓаните од Жабино Маало и Сточен пазар, во буџетот се предвидени средства за ново училиште за децата до петто одделение. Реконструирано е и училиштето во Мажучиште.
НОВИ ГРАДИНКИ
Ќе се зголеми ли опфатот на деца од предучилишна возраст?
До крајот на годината треба да се обезбедат 250 места за деца од предучилишна возраст. При крај е уредувањето на просториите во Работничкиот универзитет, кои се адаптираат за детска градинка со капацитет од 60 – 70 деца. Се бара отворање на дисперзирана градинка во Корзо. Во опција се повеќе објекти за градинка. Има проект на локалната самоуправа и на владата за поранешната градинка на Тутунскиот Комбинат. Нови градинки ќе има во Канатларци, Беровци, Коњари, да се адаптираат дел од училиштата.
Прилеп е меѓу првите во организирањето и поддршката на Карневалот “Прочка”. Како се поддржуваат манифестациите од културата?
Преку културата се промовира традиционалното и духовното богатство. Привлекуваме многу туристи за различни манифестации што носи финансиски бенефит. Предничи Пивофестот со илјадници луѓе, во тек се подготовките за новото издание. Тука е карневалот, Мегленските средби, Долненскиот фестивал, МТФ “Војдан Чернодрински” со кои се развива фестивалскиот туризам. Прилеп е магнет за туристи.
Се поддржуваат и организираат полно спортски манифестации. Неодамна градот беше домаќин на интернационален болдеринг фестивал?
Марковите кули, просторот кај манастирот Трескавец, мариовскиот крај, ги користиме да направиме услови за развој на екстремните спортови. На последниот болдеринг фестивал со новата дисциплина, одење по јаже на огромна височина, учествуваа над 100 љубители. Со Крушево планираме да го организираме Светскиот параглајдинг куп. Со клубот Скај Рајдер, здруженијата и Агенцијата за млади и спорт планираме да организираме Европско првенство на мото крос патеката. Ултрамаратонот, трчање по 80/120 км. по планински предел околу Прилеп е и уште една спортска атракција. Ги помагаме поединечните спортови карате, џудо, борење, бокс, но и екипните. Радуваат резултатите на Победа, шампионската еуфорија, која секој прилепчанец, сака да ја види во Првата фудбалска лига, каде што í е местото. Среќен сум и на борбеноста и успесите на РК Прилеп. Ќе поставиме нови содржини во рекреативниот спортски центар Могила каде ќе се отвори и аква паркот.
Македонија се соочува со длабока политичка криза. Како се рефлектира состојбата во земјава во реализацијата на проектите?
Политичката криза може да се реши само преку демократски избори. Никој не сака несигурен и немирен живот. Секој може да демонстрира и да го искаже својот став. Но, да се уништува изграденото е примитивизам. Да се бориме преку дијалог и со проекти. Политичката криза повлекува економски реперкусии при креирањето и реализирањето на проектите на штета на граѓаните. Не само како градоначалник ,туку и како граѓанин, најдобро би било на 5 јуни да се одржат парламентарните избори и да заврши агонијата која трае година ипол. Бегалската криза е продлабочување на политичката криза. Немаме резервна татковина и треба да ја чуваме и штитиме сите заедно.
ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНИЦИ ВО МИР И СОЖИВОТ
Претстои најголемиот христијански празник, Велигден. Каква е честитката до граѓаните?
Да се почитуваме и да ја чуваме традицијата и верата, да го чуваме македонското, да го негуваме наследството на нашите дедовци и прадедовци, да оставиме и ние аманет за идните генерации, да нé паметат по нашите добри дела. Би им посакал на сите граѓани да имаат убави Велигденски празници во кругот на нивните семејства. Со традиционалниот ручек, организиран од МПЦ со покана на Ромите од муслиманска вероисповед, во просториите на црквата Св. Благовештение, како христијани ја покажуваме големината на Велигден, големината и желбата за соживот, кој постои со векови во Прилеп.