ТРИУМФАЛНАТА СЕРИЈА НОСИ 5 ИЛЈАДИ ГЛЕДАЧИ

Фудбал: Ближи денот за враќање на Победа на својот стадион

– Три бода в сабота со Кожуф ја загреваат атмосферата до врв

Moment od posledniot mec na Pobeda vo PrilepСтрав в коски претставува Победа за сите ривали пролетва. Во саботата Пелистер беше немоќен во Новаци и поразен со 1-4, со два гола на Гешоски, по еден на Дунимаглоски и Карчески. Преполнетата трибина потсетуваше дека е пелагониското дерби, а резултатот и играта личеа како да се спротивставуваат тимови од две класи. Гостинските навивачи патуваа со стотици автомобили, платија влезници, за на крајот да бидат почестени со блескава игра од своите миленици.

Во вторникот иста слика и во Турново. Противничкиот состав на Гостивар, кој пред два месеца направи пресврт во Охрид, беше притиснат 90 минути на неговата половина. Уште во првиот дел беше решен победникот со головите на Димитриоски и Шаркоски, а по одморот мрежата ја затресе и Карчески за 3-0.

Триумфот ја зацврсти прилепската екипа сама на врвот. Прекрасно изгледа табелата во пресрет на новото коло и можноста за успех во Гевгелија, против Кожуф, кој не е тим за потценување. Но, сега Победа игра не само за бодови, туку за донесување рекорден број навивачи на стадионот “Гоце Делчев”. Низ градот има прогнози, според кои, на 30 април со Љубанци треба да се соберат 5 илјади гледачи.

Не беше лесно да се стигне до лидерското место, ако потсетиме дека пред победоносната серија екипата многумина ја сметаа за отпаѓање, со оглед на осмото место. Вербата и самодовербата прават чуда. Како што вели некоја источна народна мудрост “во најцрното има нешто бело, а во најлошото зрнце добро”. И со Победа, настаните се наредија како по порачка. Казната од седум меча домаќини на неутрален терен веќе е издржана, бодови освоени над очекувањата, а публиката загладнета за фудбал од 3 октомври 2015, кога се одигра последниот натпревар дома со Македонија ЃП.  Фудбалерите докажаа дека се фактор на одлука. Ако вака продолжат, се знае епилогот – пласман во Првата лига.

Табела: Победа 38, Македонија ЃП 36, Велазерими 35, Љубанци и Тетекс по 33, Скопје 32, Пелистер и Еуромилк по 29, Гостивар 26, Кожуф 17.

Десет бода за младите

Минатиот викенд беше најуспешниот за младите категории на Победа кои се сретнаа со врсниците од Ренова. На гости помладите пионери извадоа 0-0 за шесто место, постарите победија со 1-2 за петто место, дома кадетите победија со 2-1 за десетто место, а младинците триумфираа со 2-0 за 12 место. Најзначајна е севкупната табела каде Победа е на осмо место со 77 бода. Лидер е Шкендија со 154 бода.

Loading