Карате
Нов успех на ката – тимот на Македонија од Ронин, близначките Мишела и Маријана Димоски со Пулексенија Јованоска, кои на престижната Премиер лига во Салзбург освоија бронза. Во првото коло беше совладан германскиот состав на Баерн со 4-1. Во второто коло со 5-0 падна и националниот тим на Полска. Следеше клучниот дуел за влез во финале против Словачка. Нашите девојки загубија минимално со 2-3, а според видувањето на стручните лица судиите имале влијание.
– Беше пристрастно судење на судиите од Чешка и Полска, кои учествуваат на заеднички семинари со Словаците, додека третиот од Италија редовно суди против нас. Инаку, Словачка е тим кој на последните светски и европски првенства не помина ниту во првото коло – вели Златко Димоски, тренерот.
Индивидуално, Јованоска загуби од Словакинка. Маријана постигна три победи, највредната со Швеѓанка, носителка на европски медал, а беше поразена за влез во полуфинале од Словакинка. Мишела е највисокопласирана, деветта, која по две убедливи победи загуби од светската шампионка, Јапонка.