Прилеп – градот отсекогаш се покажувал со национални политички лица кои покажувале голем борбен дух за своето национално битие. Како изградбата на црквата Св. Благовештение во 1838 г. наречена Стара Црква, па и со градењето на Саат кулата во 1858 година, што е една од највисоките кули на Балканот со 38 метри, и надмудрувањето на битолскиот валија да биде повисока од соседната џамија. Непокорниот дух сведочи и при протерувањето на грчкиот владика Евангелас од страна на прилепскиот игумен Спасе во 1867 г. кој со прачка го тепал по ушите. Терзијата, собирачот Марко Цепенков, ајдутството на четите на Чакрески и на Спиро Црне го потврдуваат вековниот стремеж за слобода. И пред и по илинденскиот период излегоа повеќе видни револуционери, како Ѓорче Петров, Пере Тошев, браќата Ацеви – Мирче, Петре, Ѓорѓија, Крсте Гермов – Шаќир, Ристе Окле, Никола Каранџулов, Даме Попоски, чичко Даме и др. Мудрувањето на мариовскиот итроман Итар Пејо се сретнува само во прилепскиот пазар и чаршија. Во поновото време се Шаторов, Ченто… Во Втората светска војна, точно во Прилеп се запали фитилот на националното движење во борба за македонска држава. Прилеп со околните села даде осум илјади жртви од кои 14 се прогласени за народни херои. Градот под Марковите кули даде два команданти на македонските воени бригади во НОБ. Дончо Темелкоски – Војводата, командант на 2-та МНОУБ и Методија Попоски – Мајка, командант на 5-та МНОУБ, наречена прилепска. Прилеп го даде македонскиот поглавар, господинот дедо Ангелариј, гајдаџијата од светската ранг листа Пеце Атанасоски, граматичарите за македонски јазик Круме Кепески и Блаже Конески, актерите Нада и Димитар Гешоски, Илија Милчин, Илија Џувалекоски, Благоја Џумерко и други генерации. Нашиот град даде четворица водачи на партии, претседатели, тоа се Шаторов, Ченто, Крсте Црвенкоски и Благоја Талески. Тука се и легендарните водачи, Кузман Јосифоски – Питу, Мирче Ацев, Вера Ацева, Крсте Црвенкоски и др.
Од 14 народни херои, на десетмина загинати во борбите, им се има направено бисти во паркот на револуцијата, во Алејата на народните херои. Додека преживеаните петмина народни херои Атанас Забазноски, Ѓоре Дамески, Вера Ацева, Борко Темелкоски и Крсте Црвенкоски, не се овековечени со спомен бисти. Општината Прилеп како да ги заборави. Без разлика која партија е на власт, стои долгот на градот кон овие великани.
Од друга страна и препорачувам на локалната самоуправа да собере сили, како што го реновира и дотера Паркот, да најде средства монументланиот споменик да се огради и да се дотера урбанистички со главна порта. Да се обезбедат спомениците од вандали. Обележјата на паднатите борци и нивните мошти на Могилата на непобедените не се за поигрување, зашто тие, чии останки се таму, ја пролеале крвта и го положиле животот за денешната слобода.
ВЕРА АЦЕВА – ДОСТА
(1919 – 2006 г.)
Родена е во 1919 г. во селото Ореовец, прилепско, како нејзиниот брат Мирче. Млада стапува во напредното работничко движење. По вториот клас гимназија, морала да го прекине школувањето и станува работничка во тутунската индустрија. На покраинската конференција на КПЈ за Македонија во август 1940 г. е избрана за член, а од септември 1940 г. до крајот на 1941 г. е секретар на месниот комитет на КПЈ за Прилеп. При подготовките на востанието, раководи со воениот штаб во Прилеп што го создаде Првиот партизански одред, а со чија акција од 11 октомври е воспоставен за Ден на востанието во Македонија. Била на одговорни функции во НОБ во Струмица, Битола, Штип, Скопје. При формирањето на Првата македонско-косовска бригада е заменик политички комесар.
БОРКО ТЕМЕЛКОСКИ – ЛИЛЈАКОТ
(1919 – 2001г.)
Роден е во 1919 г. во Прилеп. Член бил на КПЈ од 1939 г., а во НОБ стапил во 1941 г. По завршениот први клас на гимназијата, го изучувал ковачкиот занает. Во почетокот на 1939 г. како дрводелски работник станал член на синдикатот. Подоцна бил претседател на подружницата. Станал и член на КПЈ да ја продолжи револуционерната активност уште со поголем жар. Во Прилеп, прво бил секретар на партиската ќелија, а подоцна секретар на месниот комитет. Бил и член на обласниот комитет. Активно учествува во спроведување на револуционерната линија борејќи се против опортунистичките тенденции. Бил избран и за член на ПК КПЈ за Македонија. Во Скопје бил вклучен во подготовките за формирање на ЦК КПМ. Потоа бил избран за секретар на обласниот комитет за Тиквешко. Во 1944 г. бил политички комесар на Главниот штаб на Македонија.
КРСТЕ ЦРВЕНКОСКИ (ЈАНКО СТЕВО)
(1921 – 2001г.)
Роден е во 1921 г. во Прилеп. Член бил на КПЈ од октомври 1939 г. на СКОЈ од својата 14 година. Студирал филозофија во Скопје. Поради револуционерната дејност живеел во илегала до окупацијата, кога пак станал илегалец и ја продолжил линијата на КПЈ. Бил политички комесар на Првиот прилепски партизански одред што го извршил нападот на участакот, затворот и на поштата на 11 октомври во 1941 година во Прилеп. Бил секретар на СКОЈ, а потоа и секретар на Обласниот комитет на партијата во Западна Македонија. Во Тетово организирал илегална техника за печатење на партиска пропаганда. Го уредувал весникот “Братство”. Апсен е во 1942 година во Гостивар и ставен во занданата во Тирана. Побегнал со уште 27 затвореници низ ископан тунел и ја продолжил револуционерната борба. Раководел со Првиот конгрес на НОМСМ и станал секретар на НОМСК. Бил и заменик комесар на Првата македонско – косовска бригада.
ЃОРЕ ДАМЕСКИ – БОКСЕРОТ
(1922 – 1995 г.)
Роден е во 1922 г. во Прилеп. Член на КПЈ бил од 1940 г. Носител е на партизанска споменица од 1941 г. Се ангажирал на подготовките на вооруженото востание. Работел на собирање на оружје. Станал и секретар на партиската ќелија во фабриката за тутун. Апсен е од бугарскиот окупатор во 1943 г. Во партизанската единица бил митралезец, а подоцна помошник на политичкиот комесар на чета. Кога се формирала Првата македонско – косовска бригада, бил избран за помошник на политичкиот комесар. При формирањето на Втората македонско – косовска бригада е поставен за политички комесар на баталјон. Со Првата македонска бригада водел многу успешни борби против непријателот. Бил и политички комесар на 49-та, а потоа и на 50-тата дивизија на НОВЈ.
АТАНАС ЗАБАЗНОСКИ (РУСКИ)
(1925 – 2013 г.)
Роден е во 1925 г. во Прилеп. На 14-годишна возраст се вклучува во напредната прилепска младина. Учествувал во повеќе илегални акции. Двапати е апсен. Во октомври 1943 година стапил во Првата македонско – косовска бригада. Оттогаш па сé до крајот на војната, минал низ низа вооружени судири и борби. Во 1944 г. е младински раководител на 41-та дивизија. За него, војната не престана во 1945 г. Бил офицер на органите на безбедноста и ја продолжил борбата против оние кои се обидувале да ги разнишаат темелите на Македонија.
Прилеп е прогласен за град херој
Во Алејата на народните херои веќе 55 години се поставени бистите на Кире Гаврилоскси – Јане, Круме Волнароски – Коле, Мирче Ацев, Кузман Јосифоски – Питу, Орде Чопела – Кулак, Илија Игески – Цветан, Борка Талески – Модерното, Лазо Филипоски – Лавски, Рампо Левката и Борка Велески – Левата.
Томе Велјановски – Марулецот,
Гетеборг, Шведска.
![]()

