ПРОДОЛЖУВААТ УСПЕСИТЕ НА ГИМНАЗИЈАТА
Наградите станаа секојдневние за Гимназијата “Мирче Ацев”. Не само што ја бие глас на расадник на талентирани математичари, туку и на вешти информатичари. Одржувајќи ја традицијата на врвни резултати, на годинешниот државен натпревар по информатика во областа програмирање, од четворицата гимназијалци, матурантот Марко Маркоски и Горазд Илиески, ученик во прва година, се покажаа како најдобри. Маркоски се закити со сребрен, а Илиески со бронзен медал. А Андреј Мрчески, од втора година, доби пофалница за учество. Ментор им беше професорката Анкица Стеваноска Јанческа.
Билетот за државен го добија по претходно постигнатите успеси на регионалниот натпревар во Охрид. Предничеше Маркоски, на третата позиција беше Мрчески, а со пофалница се закити Илиески, како и Владимир Стојчески, од трета, под менторство на Анета Стојческа.
– Нужна е континуирана работа и широки видици за напредување во знаењата. Ланското признание на Македонската информатичка олимпијада беше поттик за поголеми достигнувања – кажува Маркоски, кој и годинава ќе се натпреварува на Олимпијадата, а одлична друшка е и со математиката.
Имено, среброто за програмирање на Маркоски му донесе и стипендија за бесплатно студирање на ФИНКИ.
Гимназијата и натаму докажува дека не поминува натпревар, без да има свој претставник, и тоа не само еден, туку, напротив, сé повеќе таленти никнуваат од оваа воспитно-образовна институција.
![]()

