Фудбал: Звонко Петрески, некогашен секретар на Победа
– Кога врвам крај стадионот, ако најдам отворена врата, влегувам, погледнувам и се потсетувам на минатото
Фудбалот е спорт за кого најмногу се разговара и се паметат дури и најситни детали од минатото. При секоја средба со Звонко Петрески, пензиониран професор од Економски факултет, темата е најважната споредна работа. Тој беш генерален секретар на Победа и претседател на Општинскиот фудбалски сојуз.
До кога бевте фудбалски активен?
– Одамна беше, кога Витаминка ја водеше Победа, а после дојде Ацуле да ја земе. Некаде во почетокот на транзицијата, при премин на општествената форма во приватна.
Дали се уморивте?
– Не, туку претпоставував што значи клубот да биде во општествена, а што во приватна сопственост. Нема тука правила за игра, за она новото што се внесува со приватизацијата. Поради тоа се откажав.
Продолживте со следење на фудбалот?
– Нормално. И денес ги следам сите случувања, настаните поврзани со Победа. Сé е исто, само што не одам за време на натпреварите.
Кога последен пат сте биле на стадионот?
– Одам и сега, одвреме – навреме. Кога ќе врвам тука, влегувам ако најдам отворена врата. Се качувам на трибина, ќе погледам четири – пет минути, ќе се потсетам малку на минатото.
Ви се навраќаат слики?
– Веднаш се јавува ретроспектива за она пред 30-40 години. Слика за тие реки навивачи. Чинам под 5000 не минуваше натпревар. Кога гостуваа Вардар и други ривали, имаше и до 15 илјади гледачи.
Победа?
Беше добро организиран клуб. Имаше технички секретар, платено лице, двајца – тројца вработени за помошен персонал. Претседателот волонтер. Бев генерален секретар, волонтерски. Имаше слогласност и секој ја знаеше работата. Претседателот обезбедуваше финансии, а генералниот секретар беше како денес менаџерот.
Финансиите?
Без нив нема успех. Играчите се чудна психологија. Дај му еден денар повеќе од договорената сума на играч, и цар си. Скуси му денар, изгубен си. Заинтересираноста на градот беше главна за финансиски добрата состојба. Победа беше симбол на Прилеп.
Сегашнава состојба?
– Прилеп има можности, сили со приватните компании. Добро е што неколку фирми сега имаат договор за заедничко финансирање. Неможно е Победа да ја издржува само една фирма. Но, четири – пет и повеќе да го полнат буџетот, ми се чини дека нема да е проблем.
Порака до спортските работници?
– Работа и чесност за добра организација.
ПрволигаШи во голем град
Што мислите за форматот на Првата лига?
– Нон сенс е Царев Двор или Турново да бидат прволигаши. Секоја чест на тие луѓе што ги финансираат. Но, поентата ми е градот, местото што има прволигаш да брои барем 30-40 илјади жители. Што може да има од публика во Царев Двор ако селото е неколку стотини луѓе? Би требало основен критериум за прволигаш да биде поголемо место, оти фудбалот првенствено се игра за публика, да се полнат стадионите – рече Петрески.