УМЕТНИК ЗА УКРАСИ НА ТЕЛОТО

Тату арт Бесниот

Tetoviranjeto e avtenticen primer za ziva slika -   AtanasoskiЗа некои, тетовирањето е одраз на карактерот, за други мода, а за дваесет ишест годишниот Кристијан Атанасоски е уметност, која го исполнува и му го заситува окото. Кај младиот тату мајстор викан “Бесниот”, желбата да се занимава со тетовирање почнала пред околу седум години. Талент за цртање се појавил и порано. Дарбата, наследена од родителите, ја открил случајно, кога морал сам да создаде цртежи за училиште, а дотогаш му помагале домашните. Само со волја, кога се нашол во тесно ја открил умешноста. Со моливот в рака, цртал претежно икони, доловувајќи ги ликовите на светците и давајќи им “душа и живот”.

Идејата за тетовирање се родила со откривање на популарноста кај средношколците. Отишол на тетовирање и почнал да го подучува занаетот. Но, влогот за опрема бил преголем. Побарал поддршка од домашните, но не го сфатиле сериозно младиот “запаленко” за бизнис. Ветер во грб му бил тетинот, кој му изработил самоделско машинче со кое навлегол во светот на аматерското тетовирање.

– Се интересирав од мајстори, како, каде се тетовира, дали боли, како се става игла, машинка, како се зема боја. “Кариерата” тргна во примитивни услови, а прв “пациент” ми беше другарот. Сефтето излезе повеќе од задоволително. По првиот резултат се уверив дека умеам да го работам овој “занает”. Ми беше мерак, иако има огромна разлика меѓу цртањето и иглата. Покрај дарбата, битна е и мајсторијата. Треба да ти оди од рака. Нужна е волја, посветеност, креацијата да исполнува – кажува Атанасоски.

По првиот обид, приказната на Атанасоски се раширила, а муштериите така речи сами доаѓале. Одвреме на време ќе направел по некоја буква или нешто слично колку од забава, не знаејќи дека тоа ќе стане дел од неговиот живот. Готов за поактивен ангажман, ја купил првата професионална опрема за тетовирање и нарачал оригинални бои од Германија. Успеал да “фати” некој денар и веќе можел да си го дозволи “луксузот”, тетовирањето од хоби да се претвори  во бизнис. Веќе располага со 4 професионални машинки и далеку поквалитетни бои за создавање уметнички дела на  телата.

– Процесот е сложен. Не се гледа низ тетоважата. Најбитно е мајсторот да ја знае тежината. Нужна е и стручност, квалитетен алат и строго хигиенски услови. И илустраторот треба да е надарен, оти тој ја прави половина од работа. Останатата е на муштеријата, односно правилно да ја одржува тетоважата според упатствата, за да нема поплаки за квалитетот од очекуваното, особено да не дојде до компликации на кожата – објаснува Атанасоски.

Неговата уметност не наишла на негативни критики. Напротив муштериите уживале. Првите прашања биле колку ќе боли. Болката е издржлива. Поправка на заб боли повеќе. Прави боди арт од секакви стилови и мотиви, од букви, до портрети, по желба и мерак на клиентот. Некои доаѓаат со свои идеи, други бараат совети, а финалната креација е комбинација. Услугата се изведува во чист и санитарно уреден простор, со стерилни игли за една употреба, користејќи парафински нараквици.

– Тетовирањето е адреналин. Позитивна возбуда, а не страв. Потребна е стабилност, оти, ако се треси раката, замина тетоважата. Искуството го диктира квалитетот, а дарбата ја прави разликата. Штом дошле кај мене, значи имаат доверба. Задоволниот муштерија е најголема реклама. Посакуваат нешто што го немаат. Се консултираат за подобар избор, оти тетоважата се става еднаш за навек. Никој не се пожалил,  дури и за покривање на стара тетоважа – додава Атанасоски.

Цената е пристапна и зависи од големината и тежината. Држи баланс, да има толеранција со другите мајстори, кои не ги смета за конкуренција, туку за колеги со кои соработува. Дури од неговите раце излегол и ученик. Планира да воведе и месечни и полутрајни тетоважи. Полека чекори, оти е големо вложувањето во опремата. Покрај убавината, тетовирањето е “луксузен спорт”, не само за муштериите, туку и за мајсторот. 

Loading