Фудбал: Влатко Димоски, ФИФА менаџер
– Имам отворени врати и во Партизан – вели некогашниот секретар на Победа
Прилепчанецот Влатко Димоски, економист кој живее и работи во Скопје, пет години беше генерален секретар на Победа, многу подолго спортски новинар, а сега е лиценциран ФИФА менаџер. Претставник е на белгиската агенција Про сокер агент, активна десетина години низ Европа. Експозитурата е отворена пред шест месеци.
Досегашните активности?
– Со оглед на основната дејност – трансфер на фудбалери, со сопственикот Филип Коземанс прво го истражувавме македонскиот пазар, потоа регионалниот. Планираме покривање на Југоисточна Европа. Постепено, чекор по чекор.
Првата соработка?
– Беше со два прволигашки клубови од Исланд и третолигашки од Белгија. На проба испративме член на младата селекција. Не помина успешно, но одиме натаму. Моментно, од понеделникот до утре имаме млад 17-годишен репрезентативен голман Стевковски од второлигашот Скопје на проба во српскиот шампион Партизан.
Што очекувате?
– Пред момчето, високо 185 сантиметри, е добра шанса. Голем потенцијал е, но најмеродавна е оценката на стручнаците Милоевиќ и Пандуровиќ, легенди на Партизан. Доколку се изјаснат позитивно, преговорите ќе продолжат.
Партизан?
– После Ајакс, е најголем светски извозник на фудбалери. Прифатен сум и вратата ми е ширум отворена за секаква соработка. Прибираат таленти од Европа и од Америка. Присуството таму е како на излог пред заинтересираните купувачи.
Црвена звезда?
– И таму вратите се отворени. Гледаат со многу симпатии. Имав средба со бизнис директорот на Школата. Понуди можност за учество на наши надежи на кампот во Златибор в лето. Најдобрите 10 ќе бидат повикани на проба.
Звезда три децении не гостувала во градов?
– Разговаравме и има расположение. Треба да се сретнам и со челниците на Победа, да видиме колку може да се реализира пријателски меч во Прилеп.
Имаме екстра таленти
Што е доброто во мак-фудбалот?
– Со Коземанс гледавме како Македонија со 7-0 ја совлада Црна Гора. Имаме екстра таленти, страшна генерација до 16 години. Некои играат во Италија и Германија. Во првата постава беше Лука Трајкоски од Победа, за кого зборуваат дека е најголемиот талент. Ќе направиме обид некои од овие деца да појдат на проба во големи европски или балкански клубови.
![]()

