СТАДИОНОТ ДА СЕ ИЗГРАДИ ЗА ДА ИГРА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Фудбал: Саша Ќириќ, гостин на Хуманитарниот турнир

– Тука имаме победувано многу противници, Прилеп е среќен град

Sasa Kirik so semejstvoto na MiceskiНа хуманитарниот меморијален турнир “Владимир Мицески” настапија многу фудбалски ѕвезди, меѓу нив некогашниот играч во најсилната германска Бундес лига во дресот на Нирнберг, Саша Ќириќ. Човекот кој му даде гол и на светски прославениот голман Оливер Кан, не се двоумеше да ја прифати поканата и да допатува со ветеранската екипа на Вардар.

Направивте голем гест со Вашето присуство?

– Владимир Мицески беше играч за кого знам многу работи, иако не сум имал можности да играм против него, оти многу одамна заминав од земјава. Мило ми е што на ваков начин можеше барем малку да се оттргне болката на неговото семејство за ненадоместливата загуба.

Фудбалот во служба на хуманоста?

– Јас и моиве колеги сме се одѕивале на вакви покани за хуманитарни натпревари, отсекогаш сме доаѓале и понатаму ќе продолжиме. Посакувам турнирот да прерасне во традиционален. Догодина пак да се собереме и да го сочуваме споменот за Мицески. Правиме да не се заборави еден таков играч кој на многумина им бил роднина, пријател, другар или соиграч.

Колку често доаѓате во Прилеп?

– Само работно. Со обврските во А – Репрезентацијата, како технички менаџер, многу патувам. Секогаш кога имам барем малку време, сум гостин, не само во Прилеп, туку секаде каде што има добри манифестации или интересни дуели.

Победа?

– Знаеме дека е во втората лига. Малку се мачи, но се надевам дека до крајот на сезоната ќе се соземе и ќе биде една од кандидатите за враќање во прволигашкото друштво. Прилеп е фудбалски град и заслужува да има прволигаш.

Спомените од минатото?

– Тука ја победивме Албанија, Финска и други противници. Со Малта, 1996 година, го постигнав победоносниот гол. Едноставно, Прилеп ми е среќен град.

Националниот тим го нема под Маркови Кули?

– Се надевам дека што поскоро ќе биде доизграден стадионот “Гоце Делчев” за да се играат натпревари од висока категорија и тука да биде домаќин националниот тим. Прилепската публика знае да го цени фудбалот и дава огромна подршка.

Тука гостувавте и со Вардар?

– Убаво се сеќавам на 1992 година, кога со дербито Победа – Вардар, на најубав начин стартуваше првото првенство на Република Македонија. Пред полни трибини како професионалци од југословенската прва лига одвај извлековме реми од 1-1 по головите на Тони Наумоски и Сашо Тодоровски. За Победа настапија и Зоран Мицевски, Марјан Стојкоски, Дарко Крстески и други феноменални играчи, со кои и ден-денес соработувам.

Пелистер победник

Во убав амбиент, во салата на СОУ “Р. Р. Ричко” се одиграа седум меча. Во првата група: Победа – Напредок 4-0, Напредок – Пелистер 4-3, Пелистер – Победа 7-2. Во втората група: 11 Октомври – Тетекс 2-1, Вардар – Тетекс 4-3, 11 Октомври – Вардар 2-2. Финале: Пелистер – Вардар 5-2.

За Пелистер настапија: Петровски, М. Стојковски, Т. Мицевски, Ставревски, В. Мицевски, Пресилски, Деловски со тренерот Б. Јовановски.

Loading