Александар Дерменџиев – генерален директор на Тутунскиот комбинат
– Со 100 илјади евра профитдо зелено салдо
– Откупени се доволно количества за Филип Морис
При крај е откупната сезона на тутунот од ланската реколта, која официјално треба да се оконча до 15 март. Тоа е доволен повод за барање на одговори од првиот човек на Тутунскиот комбинат, Александар Дерменџиев.
До каде е бегството од кај загубарите?
– Ексклузивно и неофицијално, оти уште не сме ја донеле завршната сметка, Комбинатот ја заврши годината со околу 100 илјади евра профит, консолидирано, во сите друштва заедно. Излегуваме од друштвото на загубарите. Тоа е огромен исчекор по дваесетина години негативни финансиски ефекти. Тоа е најзначајната новина, што е резултат на стратешкото партнерство со Филип Морис и отвора простор за преземање на развојни ангажмани.
Каков тутун откупивте?
– Годинава имавме релативно солидна реколта во споредба со предминатата, која беше рамна на елементарна непогода. Годинава квалитетот беше солиден. Не е ултра добар, меѓутоа во споредба со лани, беше редовна нормална година. Специфика беше дека немаше доволно тутун. Тоа веројатно малку ја зголеми цената. Во земјава имаше склучени договори за 25,6 милиони килограми тутун, а ќе завршиме со околу 20 милиони. Тутунскиот комбинат, имајќи во предвид дека немаше доволно тутун, не ги откупи договорените количества. Но, не сме незадоволни. Имаме договор со Филип Морис и веќе се продадени тие количества. Располагаме со доволно количества да го испочитуваме договорот и нешто ќе остане за други купувачи. Проекцијата е да завршиме со околу 2,5 милиони килограми тутун.
Колкава откупна цена се постигна?
– Откупната цена е релативно солидна. На ниво на држава е околу 185 денари, а во Комбинатот е за нијанса пониска.
Какви се односите на пазарот на тутун?
– Македонија се наметнува со стабилно производство на ориентален тутун. Откупните компании тоа го гледаат и го ценат. Затоа влегуваат и нови компании. Таква е, една од најсилните грчки компании, “Секе”, која ќе откупува годинава, а лани презеде мали количества. Тоа е знак за интерес за македонскиот тутун, чие производство е релативно предвидливо од 20-25 милиони килограми, без големи осцилации. Турција е најголем производител, но таму има осцилации и се намалува производството. Кај нас е стабилно. Тоа е причина што сите грчки компании влегоа на овој или на оној начин во Македонија. Останатите не размислуваат за затворање, за одење, како што се случува во соседните земји.
Каква е иднината на претстојната сезона и колкави количества тутун планирате да откупите? Дали би се барале повеќе од тие дваестина милиони килограми?
– Би сакале да откупуваме повеќе. Мислам дека има побарувачка. Сепак, тоа никогаш не се знае. Глобален тренд е намалување на продажбата на цигари, замената со алтернативни, како електронските цигари. Бидејќи Турција е нестабилна, има простор за откуп. “Рак-рана” на Тутунскиот комбинат е финансирањето. Тоа е ограничувачки фактор. Затоа сме главно насочени на околу 3-3,2 милиони килограми. Тоа е во рамките на договорите за откуп и за наредната реколта, додека конечно не застанеме на нозе и да можеме да финансираме. Колку да се има претстава, за откупените три милиони тони тутун, се потребни девет милиони евра. Тие пари, мора да ги имаме и да ги платиме веднаш. А ќе ги наплатиме, откако ќе го преработиме, предадеме и ќе го наплатиме тутунот. Тоа во идеални услови е шест месеци. Во предност сме, оти, како резултат на стратешкото партнерство, имаме сигурен пласман. Веќе е продаден најголемиот дел. Кога тоа не би било и да завршиме со процесирањето, допрва треба да се нуди откупениот тутун. Од три милиони килограми, нормално е да останат 500-600 тони. Но, тоа ќе биде огромно финансиско оптоварување, што денес не можеме да го издржиме.
Какви се нарачките на цигари од заедничкото друштво? Растат ли?
– Има повеќе причини што сме под првично планираното. Но, сопрен е надолниот тренд. Одиме нагоре. Ефектно е ребрендирањето на најголемиот локален бренд, Бренд. Одлични се првите резултати. Отпимисти сме, а и трендовите тоа го покажуваат. Има раст, кој, за жал, е помал од очекуваниот. Почетниот пазарен удел веќе е удвоен.
Новото Марлборо. Каков е ефектот?
– Се произведува една од најинвентивните верзии на Марлборо, која е во премиум сегментот. Договорот за стратешко партнерство се однесува на македонскиот, домашен пазар. Бидејќи е премиум бренд, има мал, скромен пазарен удел. Инаку, во делот на фабриката за цигари сме фокусирани да се подига квалитетот на производството, да се подобри ефикасноста, да се осовремени машинскиот парк и т.н., а сé со цел да се исполни замисленото со стратешкото партнерство, врзано за македонскиот пазар и да бидеме ексклузивен производител на сé што се продава преку заедничкото друштво. Почнавме со Бонд во повеќе верзии, го лансиравме Марлборо, многу брзо го очекуваме останатиот дел од портфолиото на Филип Морис да се префрли во нашите производни капацитети, на што посветено работиме.
Засега нема социјални пакети
Дали ќе има нови социјални пакети за доброволно заминување?
– Најголемиот дел од превработеноста го решивме со големите пакети на безболен начин, без социјални, политички или било какви проблеми. Мое размислување е дека би имало простор, кога би можеле финансиски да се консолидираме и да испратиме уште стотина доброволно со социјален пакет за да се отвори простор да примиме малку “свежа крв”. Просечната старост е висока. Со доброволното отпуштање, делумно е нарушена структурата. На некои позиции има вишок, но во други сме дефицитарни со работници. Би било идеално да имаме 20-30 нови вработени. Тоа е мое размислување, но во моментов не е опција, оти нема средства. Ако обезбедиме и се прифати мојата идеја, би било убаво. Засега сé друго е шпекулација, нема договор, тајминг…
Нема интерес за купување на објекти
Се врти шпекулација за отуѓување на дел од објектите што не се во експлоатација?
– Би било супер кога би барал некој да купува дел од слободните објекти. Не сум сигурен дека постои интерес. Конкретно, градинката одамна не е наша. Спортската сала, хотелот, катот во бизнис центарот не се наши. Најголемиот дел од имотот е под хипотека. Редовно ги сервисираме обврските. Ако имаме вишок простор, зошто така да се пусти, особено кога има потреба од свежи финансиски средства за многу приоритети. Би било супер да се обезбедат средства за социјални пакети, за линијата за софт драјв од 3-4 милиони евра, што сега ја правиме во Кавадарци. Па и за зголемување на откупените количества. Наместо три, да откупиме 4-5 милиони килограми тутун. Знаеме што е вишок во објектите. За дадените објекти под хипотека, има проценки по закон, и ќе бидат потребни јавен повик, лицитација… Но, досега никој не пројавил интерес да ги купи. Затоа не е актуелно тоа прашање. Да се распише јавен повик е дополнителен и непотребен трошок, кога нема потенцијален купувач. Засега никој не прашал, не побарал.
Се оЧекуваат над 12 илјади тутунари
Околу пет илјади тутунари пријавиле производство годинава во Министерството за земјоделство. Тие се евидентирале за тутунопроизводство за годинешната сезона и добиле бели картони. Откупувачите можат да очекуваат над 12 илјади семејства од прилепско, долненско и кривогаштанско да го предадат родот на тутунот. До 31 март е рокот за поднесување барања.