Убаво е, дури би рекле дека е радосен податокот, кога ќе се јави некој читател со некаква забелешка, мислење, коментар. Значи, го интересира, во овој случај, јазичната проблематика, па дури и односната забелешка да е погрешна. Се разбира, безгрешност не постои. Секој може да згреши.
Овој пат се јави читателот господин Ѕвонко Петрески. Откако упатува извесни пофалби за рубриката “Јазичен агол”, прави и една забелешка. Ќе приведеме интегрално една негова реченица од написот: “Сепак се надевам дека ќе се сложите со мојата констатација дека некој што веќе пишува околу оваа проблематика и самиот треба малку да внимава околу тоа дали е правилно напишано истото”. Точно вака гласи неговата реченица. А ние, веднаш, во нешто ќе го коригираме. Оној што пишува за оваа проблематика (за јазикот) треба МНОГУ да внимава а не МАЛКУ. Нели, господин Петрески? Ова се однесува за сите!
За што станува збор, всушност? Во некој од претходните написи, читателот го сретнал зборот БОЈАЗНОСТ. Тој смета дека е тоа српски збор, произведен од, според него, српскиот глагол БОИ СЕ. Во односниот напис требало (пак според него) да биде напишано СТРАВ или СТРАВУВА.
Па ајде, да почнеме некако да се браниме. Го отвораме Речникот на македонскиот јазик (тритомниот). Страница 41. триесет и седмиот ред одозгора, одбележан е глаголот БОИ СЕ (се бои). Бидејќи во тој Речник објаснувањата се дадени на српски, објаснето е дека тоа е БОЈАТИ СЕ, ПЛАШИТИ СЕ. На истата страница одбележани се и други деривати од глаголот БОИ СЕ, – БОЈАЗЛИВ, БОЈАЗЛИВОСТ, БОЈАЗЛИВО. Регистрирана е и именката БОЈАЗАН. Слично е и во новиот Толковен речник на македонскиот јазик а и во речникот на Зозе Мургоски. Во Толковниот речник приведена е и реченица: “Не бој се, нема ништо да ти стане”. Предадена е и глаголската именка – БОЕЊЕ (плашење). Од ова станува доволно јасно дека глаголот СЕ БОИ го има во македонскиот јазик исто како и во српскиот.
Рековме дека во Речникот се одбележани и придавката БОЈАЗЛИВО (плашливо) и именката БОЈАЗЛИВОСТ (плашливост). Именката БОЈАЗНОСТ (што сме ја употребиле ние), ја нема во Речникот. И нормално, не може да се регистрира секој збор или секој можен збор. А дали зборот БОЈАЗНОСТ е можен во македонскиот јазик? Дали може да биде создаден, и дали е веќе создаден? За многу именки не знаеме како се произведени, но исто така има многу за кои знаеме дека се образувани од глаголи, од придавки а и од именки. На пример, од глаголот КОПА, можеме да произведеме именка – КОПАЧ, и глаголска именка КОПАЊЕ. Од придавката СПОСОБЕН можеме да формираме именка – СПОСОБНОСТ. Примери има многу, но сега целта ни е друга. Не можеме да набележуваме повеќе примери, ем да не избегаме од темата, ем просторов не ни го дозволува тоа. Ќе мораме да се задржиме на именките кои можат да бидат изведени од именки. Погоре споменавме дека во Речникот е регистрирана именката БОЈАЗАН (женски род). Е, сега! Рековме дека од именки можат да се образуваат други именки. Тоа се прави со помош на разни наставки. Да речеме, од именката РИБА можеме да добиеме РИБНИК (наставка НИК), од БОЗА – БОЗАЏИЈА (наставка ЏИЈА), од БРАДА – БРАДАВИЦА (наставка ИЦА) и многу такви. Блаже Конески во својата Граматика објаснува дека именка од именка може да се образува и со наставката – ОСТ. Наведува тој и неколку примери. Од именката ЖАЛ со помош на наставката ОСТ се добива ЖАЛОСТ, од ГЛАД – ГЛАДОСТ и така натаму. Ние сега ќе ја земеме именката БОЈАЗАН, која знаеме дека е одбележана во Речникот како именка од женски род. Во почетокот употребивме збор БЕЗГРЕШНОСТ. Таа именка е префиксирана, може да биде само – ГРЕШНОСТ (ја има во Речникот). А како се дошло до таа именка? Преку придавката ГРЕШНО со додавање на наставката – ОСТ. Е, па, и на именката БОЈАЗАН ако и се додаде наставката ОСТ ќе се добие – БОЈАЗНОСТ. Не го пишува ова поради тоа што многу го сакаме овој збор. Напротив! Можеби и првпат го употребуваме во пишан текст. Сакаме само да укажеме на патот по кој можеме да одиме за да го добиеме, а тој да биде наш, македонски збор. Инаку, коренот на сиве овие зборови (бојазлив, бојазливост, бојазан) се наоѓа во глаголот – СЕ БОИ.
Затоа не БОЈ СЕ Ѕвонко! Не е тој само српски. И наш е.
Благоја Ивчески