КНИЖЕВЕН КРВОТОК Е БИБЛИОТЕКАТА

Петар Петрески –  директор на градската библиотека „Борка Талески“

– Раскошен фонд и благопријатен амбиент со повеќето зафати за реновирање  

– Издаваштво во промоција на прилепското литературно творештво

Multifunkcionalna ustanova  - Petar PetreskiГрадската библиотека „Борка Талески“ повеќе години евидентира забележителни резултати во функционирањето како еминентна локална установа во областа на културата и нема да погрешиме ако кажеме дека од корен го промени својот лик и се етаблира како средиште и епицентар на многу значајни културни и книжевни збиднувања. Накратко, како прв човек на Библиотеката, што конкретно досега е сторено во оваа установа за да се постигне ова ниво?

Вашите констатации, морам да признам, се многу афирмативни. Ако нешто се работи со љубов, посветеност и со јасна цел што треба и како треба да се направи, резултатите нема да изостанат. Тие произлегуваат од сеопштата заложба, како моја, така и на вработените, а особено на локалната самоуправа без чија поткрепа, тешко дека ќе постигневме нешто позначајно. Кога бев избран на оваа функција, библиотеката, пред сé, функционираше на традиционален начин. Основна и најзначајна задача ѝ беше, горе – долу да ги задоволува потребите за литература на корисниците и да им нуди простор за учење и читање. И денес тоа ѝ е една од основните, но не и единствена функција! Следејќи ги современите библиотечни трендови, се презедоа и воведоа многу новини. Како прво, се воведе и афирмира издавачката дејност. Како резултат на тоа, имаме издавачка продукција која секоја година издава по неколку вредни изданија кои се однесуваат и го третираат нашето прилепско културно наследство, или се пак од автори кои потекнуваат од овој град.

Ќе наведете ли некои од нив?

Има повеќе, но во оваа пригода би истакнал дека особено сме горди на неколку наслови: „Познати прилепчани, 19 век“ и „Македонија – кратка историја револуционери“ од Славчо Ковилоски, „Прилепскиот ликовен феномен“, чиј приредувач е писателот Трајче Крстески, „Перото на прилепските новинари“ и „Прилепските спортски големини“ од Драги Башески, „Манастирските библиотеки во Прилеп и прилепско“, од нашата вработена, вишиот библиотекар, Магда Василеска, „Шахот во Прилеп“ и „Монографијата за Борка Талески“ од библиотекарскиот советник Наде Караџоска. Ако ги додадеме изданијата посветени на поетската манифестација “Поетско Маркукуле”, ќе се добие една поцелосна и позаокружена слика за издавачката дејност. Да не го испуштам и значајното издание од претходното раководство, монографијата „Прилепското писмо“.

Го осовременивте и библиотечното работење?

Воведовме целосна компјутеризација на библиотечното работење. Почнавме со електронското пребарување на библиотечниот материјал, а продолживме со целосна електронска обработка на тој библиотечен материјал во КОБИСС системот, така што целокупната граѓа со која располага нашата библиотека е опфатена со овој систем и секој заинтересиран дома преку својот компјутер и нашата веб страница, во секое време може да има увид во библиотечниот фонд.

Како работи и со колкав капацитет интернет клубот?

Интернет клубот, односно, компјутерите се заедничка донација на невладиниот сектор и локалната самоуправа. Тој во целост ја оправда поставеноста во библиотеката. Користењето на компјутерите е бесплатно и сите кои имаат потреба, го користат и можат да го користат. Годинава планираме да ги замениме старите компјутери со нови и така, уште повеќе, на читателите и корисниците ќе им ги осовремениме компјутерските услуги.

Што е со културните манифестации?

Во библиотеката скоро секој ден се случува некаков културен настан. Обврска ни е да ги афирмираме прилепските книжевни творци. Тоа го правиме преку организирање на промоции на книги, ликовни изложби, трибини, предавања, литературни конкурси и сл. “Поетско Маркукуле” е оригинална поетска манифестација која секоја година на падините под Марковите Кули собира над 50 поети од целата држава и над стотина љубители на поетскиот збор. Таа е оригинална по концептот, бидејќи е отворена за секој кој пишува поезија и нема натпреварувачки карактер и селекција.

На кои оддели свртувате особено внимание?

Сите оддели се битни, но, ударни во кои се одвива поголемиот дел од работењето се одделот за возрасни и одделот за деца. Од големо значење се и другите, особено роднокрајниот оддел, одделот за електронска обработка на библиотечниот материјал и одделот за странска литература.

Како ја набавувате странската литература?

Дел со купување, а поголемиот дел од донации на странските амбасади во Македонија и донации на поединци. Имаме одлична соработка со германската и руската амбасада, кои, во неколку наврати, донираа свои книги. Тука е и Францускиот културен центар, кој на библиотеката í подари значајни наслови.

Имате и две подрачни библиотеки?

Едната е стационирана во населбата Варош и располага со десетина илјади книги, а другата е во Тополчани, чиј книжен фонд е над 20 илјади книги.

Со колкав книжен фонд располага библиотеката?

Библиотеката моментно располага со над 120 илјади книги и речиси секоја недела се набавува нова литература. Фондот постојано се зголемува и е од сите области на науката и уметноста. Голема улога во зголемувањето на книжниот фонд имаат донациите од Министерството за култура, кое периодично нé снабдува со преводи од најпознатите светски автори од сите области на науката и уметноста.

Библиотеката е доста подновена. Што и како?

Последниве години библиотеката се видоизмени. Направени се интервенции како во ентериерот, така и во набавката на нова техника. Со финансиска помош на локалната самоуправа и личното залагање на градоначалникот Марјан Ристески, извршено е целосно реновирање на големата читална. Сега таа претставува своевидна гордост, како по изгледот, така и по мултифункционалноста. Втор поголем зафат се изврши лани со реновирање на помалата читална каде е сместен и интернет клубот. И таа сега со својата физиономија го дополнува современиот имиџ. Во меѓувреме е заменет целокупниот инвентар. Вработените и најповеќе корисниците имаат многу поблагопријатни услови.

Што претстои?

Во најскоро време планираме да го реализираме проектот „Ботаничка градина“. Имено, во средната читална, во просторот каде е светларникот, ќе направиме вистинска ботаничка градина и воведување на системот “капка по капка”, такашто ќе добиеме едно прекрасно катче со зеленило и најразновидни цвеќиња. На тој начин уште повеќе ќе ја разубавиме библиотеката и ќе ја претвориме во своевидна културна икебана. Годинава имаме намера комплетно да ги замениме старите компјутери во интернет клубот со понови и помоќни, па се надеваме дека и интернет услугите ќе бидат на многу повисоко рамниште. Доколку има средства ќе извршиме и одредени интервенции во детскиот оддел каде што децата ќе можат да претстојуваат подолго време и не само да доаѓаат да заменат книга, туку тука ќе можат да претстојуваат и да извршуваат и други училишни активности, како изработување на училишни задачи, изработка на разни проекти и сл.

Има ли некој приоритет на кој му посветувате особено внимание?

Па, како што напомнав, библиотеката со години наназад набавува нова и можне квалитетна литература. Просторот со кој располагаме за чување на таа литература е ограничен. Се судираме со проблемот на недоволен магацински простор. Како што стојат работите, се создаваат реални услови годинава да го решиме и ова прашање.

Колкав број на корисници се регистрирани?

Точниот број не можам да го кажам бидејќи секојдневно се запишуваат нови членови, но тој број изнесува над пет илјади члена.

Што преземате за анимирање на нови љубители на книгата?

Сé што правиме, правиме да ја оствариме оваа цел. Традиционални и мошне успешни се конкурсот за најдобра лична творба и натпреварот за најдобар рецитатор кои ги организираме секоја година по повод месецот на книгата, како и напреварот за најдобар млад библиотекар. Би ги навел и многубројните промоции на книги од млади прилепски автори, поетската манифестација “Поетско Маркукуле”, редовните групни посети, организирани од основните училишта, ниската членарина, бесплатниот упис на лица од ранливите категории, проектот “такси книга”, при што, бесплатно, со такси, им доставуваме книги на нашите читатели кои поради болест не се во можност лично да дојдат и да си земат книга.

Кои наслови планирате да ги издадете оваа година?

Во подготовка се неколку интересни книги. Пред сé мислам на книгата „Македонија и Одринско“, издадена во Софија 1904 г. во која се дава целосен приказ на населението во Македонија и населените места, зулумите и злосторствата што ги правела турската власт во тој период на оваа територија, како и борбените активности на македонските патриоти. Книгата е издадена на неколку странски јазици, но мислам дека досега не е преведена на македонски јазик. Друга интересна книга што ќе ја објавиме е обемниот труд на нашиот починат сограѓанин, Милан Ристески, „Хроника на Мариово“.  Ваков сеопфатен материјал за Мариово, за неговиот фолклор, традиици, историја, досега не е објавен. Се надевам дека ќе изнајдеме средства да ја објавиме и монографијата за домашните библиотеки во Прилеп. Секако, ќе излезе и зборникот „Поетско Маркукуле 2015“.

Loading