„НАЈ“ И ЗА ЦРТАЊЕ И ОДБОЈКА

Nuneska ckrta po zidoviХристина Нунеска, која лани ја понесе титулата на „Зенитпетка“ за најученик од ОУ „Добре Јованоски“, покрај што е тата-мата за учење, најдува време и за цртање, па и за одбојка. И тоа не само колку да се занимава, туку располага со дарба. Другарувањето со четката и палетата со бои што изненадно го открила пред пет години го продолжила и во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ под менторство на Александар Џинго.

Како шестоодделенка, се пронашла во ликовната уметност. Со поддршка на наставниците, успевала да освојува високи места на натпреварите. Цртањето í е хоби во слободното време. За талентот сведочат исцртаните ѕидови по училиштата.

– Секој не умее да црта. Но, дарбата е само 10-20 отсто, а остатокот е упорна работа со верување дека можеме тоа да го направиме. Наставникот Бобан Петрески го откри афинитетот и ме стимулираше да цртам, укажувајќи ми на грешките, но и учејќи ме на “трикови” со кои ќе напредувам. Часовите по ликовно минуваа брзо и интересно – кажува талентираната ученичка.

Продолжила и со насоките од наставничката Маја Најдоска, вклучувајќи се во мношто натпревари, конкурси, настани. Активно се посветила на уметноста и од “чкртаници” со моливот создавала ремек дела.

И одбојката ја прави среќна. Не негира дека има доста за учење, но не се откажува да биде што подобра. 

Loading