Кој на Што Штеди?
Штедењето отсекогаш било преокупација на многумина. Не само во “најдолгиот” месец, јануари, кој изобилува со празници. Можеби овој “најскап” месец беше причина повеќе да анкетираме што прави едно семејство да заштеди, додека “парите летаат од раце” и не останува за настрана, за “не дај Боже”, па и за арно, за свадби, крштевки.
Што ли прават прилепчани да спасат некоја стотка, можеби ќе се посреќат, да им остане илјадарка? Можеби перење строго на евтина струја, купување на производи на акција или распродажба? Некои го редуцираат непотребното купување. Се внимава повеќе да остане некоја пара од малкуте во месецот. Пред децении граѓаните биле “поофрди”, ама пак биле домаќини, а не аздисани. Не биле толку претпазливи со евтината или скапа тарифа на струјата. Цела куќа, небаре Лас Вегас, блескала како ден ноќе, а сега се купуваат штедливи ламби дури и тајмери и строго се води сметка да се исклучуваат електричните апарати за да се скуси потрошувачката. Минаа времињата на прошетки и купувања по маркети од здодевност кога ќе ни текне. Сега се пазари со список од дома и со листа на продавници со најниски цени. Се случува за денар поевтин леб да се пешачи по неколку километри, од едниот до другиот крај на градот. Се трага од дуќан до продавница додека не се најде потребниот артикал по најниска цена. Дури некои ги гледаат роковите на траење на некои стоки по рафтовите за да ги купуваат поевтино пред истекот на трајноста кога ќе им падне цената. Исчезнува навиката кусурот од денар, два, да се остави в продавница, туку се чека до последното денарче в рака, да се пикне во џебот и да се “складира” во пластично шише небаре каса. За вересија и не се зборува, зашто ако се “изедат” семејните примања пред време, не ќе се плати сметката за струја, ќе останат неплатени огревните дрва, па ќе затропаат извршители и долгот со камати од малку ќе летне в небо, да не се доплати со години и неколкукратно повеќе.
Како се планира семејното месечно ќесе и дали се успева да се заштеди некој денар, да се намалат трошоците и полесно да се состават почетокот и крајот на месецот?
Марија Матеска: Штедам на облека. Да се подновам, чекам попусти. Минува месец без да купам нешто. Гледам да не купувам “партали”, туку исклучиво по потреба. Сама правам фризура и се шминкам, освен за поголем повод.
Стефан Боцески: Ништо не штедам. Терам. Не доаѓа во предвид да штедам храна. Мора да се преживее. Најмногу штедам струја, оти е најголем непријател на платата.
Цвете: Балансирам да не се скусам. Штедам струјата со пуштање машина на евтина, оти сега нема евтина струја денски. Друго нема што да се штеди. Бојлерот загрева ноќе, а денски ако е нужно.
Благоја Печијарески: Нема во нешто што не штедам. Голем економист сум. Штедач невиден. Од алишта, од врвци за чевлите, до дрва. Ставив соларен систем да не арчам фазла пари. Да можам да им купам на децата станови, коли, да учат факултет, да бидат докторки. Не растурам ни корка леб. Ако ми падне на земја, би ја зел и би ја измил. Штедењето ми е во крвта. Преокупација ми е економијата. Затоа имам парно, соларен, редовно манџа, тава, сé редовно. Минувам со струја со осум стотки. Не сум мераклија на облека. Женскиот род троши на облека, ама го сузбивам колку што можам. Имаме пари, не е за пари. Клавам ред за штедење, да нема безпотребно расфрлање. Сите да штедат. Парите да не се расфрлаат и да не се трошат непотребно. Одам и на одмор лете, секаде, и не се скусувам.
Латви Ибраимоски: Се штеди со економија. Колку имаш плата, толку да потрошиш. Ќе пазариш во маркет по пониска цена. За јадење и облека не штедиме толку, мора да се помине.
Ладе Србиноски: За јадење, не штедам. Дали за овошје, дали за месо. Можеби малку си штедам во дрвата. Место три, две ќе ставам во шпоретот. Штедам енергија, топлинска и електрична. Гледам и на струјомерот, кога да се готви. Со колата не штедам, оти на плин е, евтино ми е. Одамна заштедив од кога ја пренаменив од бензин на плин.
Зоран Габроски: Во сé штедиме. Правам математика и малку може да се спаси. Околу 100-150 денари, претежно на струјата и водата. На нив најмногу се забележува. На јадењето не се штеди.
Божин: Алишта ич не купувам, оти слабо земам пари. Некој ако ми дај, си носам. За јадење, си подјадувам. Гледам да го наполнам стомакот, и помалку штедам во јадењето и готвењето. Кој ќе чека евтина струја да се зготви нешто. Среќа е што не пушам, инаку ќе немав пари ни за цигари. Во такси не се качувам. Само пеш одам. Немам пари за алишта да си купам, па не со такси да се развозувам.
Фанче Алексоска: Старите на сé штедиме. Скапа е струјата, затоа на струја ништо не работиме. На дрва готвиме, се грееме. Некогаш треба и рерната да се вклучи. Чекам ноќ или недела да пуштам машина за перење. Некогаш неделата беше одмор, а сега переме, готвиме, се капиме.
Мирјана Ангелкоска: Штедам на сé, само на јадење не. Не смеам, оти имам здравствени проблеми. Морам здраво да јадам. Се греам на печка, а сама живеам. Сметката е ѓавол ипол. Планирам од лето дека треба зима да дојди.
Татијана Атанасоска: Скратувам од патувања, на задоволства, а најмногу штедам на облека. Купувам на попусти и поретко. На храната, во огревот и во издатоци за домаќинството, нема штедење, оти тоа е основно.
Зоја Пашоска: За пазарење одам кај најевтиното. Ги заминувам маалските продавници, оти истиот артикал го има поевтин во маркет. Шетам по повеќе дуќани, одам од маркет во маркет. Ги научив веќе цените. И на облеката штедам. Купувам само евтино. Пазам и на струјата. Греалка не се пушта, а переме само на евтината.
Блаже Митроски: На сé гледам да штедам, за да имам пари. Одам чаршија, ама нема кафе да пијам. Не одам в кафеана со пријателите. Парите се само за јадење и за белешките. Не се возам со такси. Од пазар носам товарен сé на раце. Пешки одам секаде. И на ладно и од пазар. Редок случај ко ќе врне, или габаритно ако се купи и не може в раце да се носи се зема такси.
Снежана Дамеска: Скапија голема и нема пари. Не стасуваат ни за сметки, ни за јадење. На храната штедиме. Купуваме сé поевтино и наместо кило месо, ќе купиме 500-600 грама, колку да поминеме. И мажот ми ги намали цигарите од две на една кутија.
![]()

